1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква Европа во 2009 година

Тони Гламчевски13 февруари 2007

Ханс Герт Петеринг дваесет и шестиот по ред претседател на Европскиот парламент ги претстави приоритетите на неговиот две и пол годишен мандат. Главниот акцент во својата програма Петеринг го стави врз дијалогот на културите, европските вредности, реформата на ЕУ и местото на граѓаните во Унијата.

https://p.dw.com/p/AbzH
Петеринг со канцеларот Меркел
Петеринг со канцеларот МеркелФотографија: AP

Инагуралниот говор на новиот претседател на Европскиот парламент, германскиот демо-христијанин Ханс-Герт Петеринг е вистинска политичка платформа и визија за Европската Унија и нејзиното место во светот.

Поддржувајќи го германското претседателство со Унијата, тој смета дека до јуни годинава е потребно да биде изнајден договор за да се реализира основата на Европскиот устав, тоа најдоцна до европските избори во 2009 година.

Петеринг тука инсистираше дека треба да бидат почитувани ангажирањата преземени од 27-те земји членки на Унијата, кои го потпишаа Европскиот устав.

„Ние треба да ги почитуваме легалните принципи на Европа: pacta sunt servanda, договорите треба да се почитуваат“.

Германската канцеларка Ангела Меркел,која присуствуваше на седницата, во целост го дели мислењето на Петеринг:

„Ние сме убедени дека прашањето на уставотворниот договор ќе биде значајно во перспектива на изборите во 2009, бидејќи граѓаните треба да знаат за каква Европа ќе гласаат“, рече Меркел.

Претседателот на европската комисија Жозе-Мануел Баросо, оцени дека германското претседателство ќе успее да постигне резултати само ако е поддржано од сите земји членки. Повикувајќи ги членките на Унијата да изнајдат решение за уставотворениот договор, притоа Баросо призна дека:

„Не е можно да се ратификува истиот текст, по француското и холандското „не“ на референдумите.“

Во останатиот дел од својата дискусија Петеринг инсистираше на улогата која треба да ја има Европската Унија на меѓународната сцена. Посебно во одбраната на нејзините вредности, достојноста и правата на човекот насекаде во светот.

„Тоа нема да биде без последици од гледна точка на политиката која треба да биде наша“, нагласи претседателот на Европскиот парламент, критикувајќи ги тука Русија од која побара да ги казни убијците на новинарката Ана Политковскаја и САД за Гвантанамо, подвлекувајќи ја претходно потребата од партнерство со нив.

Петеринг се заложи да се поддржат сите оние кои на мирен начин се борат за слободите и човековите права, за правото на самоодбрана на Израел, како и за правото на палестинскиот народ да живее во сопствена држава, против секое негирање и повторување на Холокаустот.

Европскиот парламент треба да ги поддржи иницијативите на цивилното општество кои се во насока на дијалог на културите и религиите врз основа на взаемна толеранција.

Петеринг предложи создавање на „Дом на историјата на Европа“ и одликување за европските граѓани посебно младите кои се ангажирани во корист на европската идеја.

На своите колеги-европратеници им вети глобална реформа во работата на Парламентот.

Скоро сите претставниците на политичките групи во Европскиот парламент, му пружија широка поддршка на Ханс-Герт Петеринг, бидејќи најголемиот број од нив се препознаваат во приоритетите на нивниот нов претседател.