Испорака спречена во последна минута
15 април 2009Џон Демјанјук веќе бил приведен од страна на американските службеници и веќе бил на пат за аеродромот, од каде требало да полета за Минхен. Веројатно и самиот Демјанјук и неговото семејство не сметале дека испораката ќе биде спречена. Неговите роднини се разделиле од него со солзи кога старецот бил приведен од страна на властите за доселување. Една американска телевизија јави дека Демјанјук претходно се исповедал кај еден свештеник.
Минхенското обвинителство го гони поранешниот чувар во концентрациониот логор Собибор за помош при убиство на 29.000 Евреи во времето на националсоцијализмот. Демјанјук, кој е Украинец по потекло, во 1943 година, како чувар во логорот Собибор во окупирана Полска, ги носел луѓето од возовите со кои пристигнувале во гасни комори.
Го спаси староста?
Минатата недела еден суд во американската сојузна држава Вирџинија донесе одлука за испорака на Демјанјук на Германија. Налогот за негово апсење беше издаден во Минхен, во март годинава. Сега, повисоката судска инстанца го спречи испорачувањето со образложение дека е потребно време да се разгледа приговорот на Демјанјук на одлуката на судот. Одбраната на Демјанјук аргументира дека поради неговата возраст и здравствена состојба, испорака би значела прекршување на меѓународните правила за забрана на измачување и нечовечки третман.
Осуден на смрт, па ослободен
Демјанјук во Втората светска војна прво служел во Црвената армија. Во 1942 година, исто како илјадници други млади луѓе од Украина и балтичките земји, се пријавил во ЕсЕс единиците како помошник-доброволец и бил ангажиран како чувар во различни концентрациони логори на нацистите. Во 50-тите години се криел во Баварија и се иселил за Америка. Неговиот вистински идентитет бил познат уште во 70-тите, а САД го испорачале на Израел во 1989 година. Таму прво бил осуден на смрт, а потоа ослободен поради сомневање во неговиот идентитет.
Автор: ЕМФ/ЖА/афп/дв
Редактор: Александра Трајковска