Заштита на еврото со промени во Лисабонскиот договор?
27 октомври 2010Во владиното експозе, Меркел инсистираше на промени во Лисабонскиот договор за кои веќе има согласност со Франција. Цел на германската влада и канцеларката Меркел е долгорочната стабилност на еврото. Лекциите од финансиската криза која пролетоска го погоди еврото не се докрај совладани:
„Денес треба да се погрижиме за идните кризи и за тоа ни‘ треба нов робусен кризен механизам за стабилност на евро-зоната. Новите рамки за вреднување на кризите мора да се регулирани и можни се само со промена на европскиот договор. Тоа е неопходност", истакна канцеларката објаснувајќи дека еднаков став за неопходните промени има и францускиот претседател Никола Саркози, со кого утре во Брисел заеднички ќе настапат.
„Вистина е дека германско-француското единство не е се’ во Европа, но и вистина е дека без него нема ништо”, посочи канцеларката Меркел образлагајќи го пред пратениците планот за заострувањето на пакетот за стабилноста на еврото, кој нема да може да се реализира доколу не дојде до промена во Лисабонскиот договор.
Превентивни санкции
Германија и Франција сакаат Европскиот договор да го модифицираат во две точки. Од една страна, сакаат заострување на постојаниот кризен механизам за многу задолжените држави и кај заканувачки банкрот да можат да помогнар и приватни инвеститори.
Од друга страна, во игра, како што кажа канцеларката, се санкциите кои би се примениле побрзо и порано отколку сега. Тие би делувале превентивно. Санкциите, како што подвлече таа, би повлекле и укинување на правото на глас во Министерскиот совет за озлогласените грешници со дефицитот.
Меркел и Саркози сакаат промените на Договорот да бидат рамковно дефинирани до март 2011, а да стапат во сила најдоцна до 2013. Тогаш се затвора спасоносниот „чадор” кој пролетоска земјите на ЕУ го отворија за Грција. Канцеларката потсети дека токму таа во 2007- та, заедно со тогашниот шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер застанала зад Лисабонскиот договор, а сега со министерот Вестервеле се залага за неопходните промени.
Во дебатата во Бундестагот опозиционите социјалдемократи и Зелените го критикуваа ставот на Меркел и Владата, потсетувајќи на отпорот кај другите членки на Унијата и заканата промените на Лисабонскиот договор да предизвикаат внатрешно-политички дискуии.
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска