Започна социјалниот Форум во Најроби
21 јануари 2007�во.
Светскиот социјален форум се одржува секоја година од 2001, како контра манифестација на светскиот економски форум што се одржува во швајцарскиот град Давос.
Кенијци безземјаши маршираа во Најроби покрај Италијанките борци за женските права. Француските комунисти танцуваат со активистите за борба против сидата од Уганда. Еден Индус мавта со бразилско знаме. А, нобеловецот Дезмонд Туту од Јужна Африка го обединува тоа во зборови, без оглед на сета различност:
“Секој сам не е човек. Не си човек ако си изолиран. Потребни ти се други луѓе, за да бидеш човек“.
Потоа бискупот користи политички речник. Внесува возбуда на светскиот социјален форум и ја зафаќа темата за која ќе се разговара во наредните денови:
“Ние не можеме да ја добиеме битката против тероризмот, Никогаш. Се додека постои свет што ги турка луѓето во очај, се додека има сиромаштија што ги обесчовечува другите, се додека постојат болести и игнорирање, ние нема да победиме“.
Меѓутоа Дезмонд Туту не би бил тоа што е ако не им упати посебна порака на сите Африканци:
“Господ не направи грешка кога ни даде црна кожа. Ние мораме да бидеме горди Африканци. Ние го совладавме ропството. Го совладавме апартхејдот. Треба да одиме со крената глава“.
Потоа директно им се обрати на богатите индустриски држави. Едната половина на планетава не може да функционира без другата, вели Дезмонд Туту. Ако едната половина крвари, другата порано или подоцна ќе го почувствува тоа:
“Посакуваме вие во Европа и на Запад да можете да бидете малку поскромни. Едноставно, обидете се да бидете малку поскромни“.
Токму за тоа станува збор на 7-от светски социјален форум во Најроби: за исти шанси и праведна поделба на ресурсите. Кениската нобеловка Вангари Матаи:
“Африка не е сиромашна. Меѓутоа, ние сме злоупотребувани од индустрискиот свет како испорачувачи на ресурси. Тие не плачкосуваат со нивното знаење и технологија и на наша сметка ќе бидат уште побогати“.