1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничко чествување на Свети Методиј

1 јуни 2009

Со низа свечености вчера во Елванген во Јужна Германија, беше одбележан Денот на Свети Методиј, кој десетици години е празник на градот. На свеченоста присуствуваа претставници на Македонија, Бугарија, Чешка и Словачка.

https://p.dw.com/p/I0t1
ЕлвангенФотографија: DW

Богослужбата во чест на Свети Методиј во големата црква Свети Вилнус во Елванген се одвиваше на одделни литургии на три јазика: македонски, бугарски и словачки. На еден јазик, германски, беа официјалните обраќања на претставниците на домаќините и четирите земји, кои просветителското дело на Свети Методиј го сметаат за корен на сопствената писменост: Македонија, Бугарија, Словачка и Чешка. Во присуство на граѓани и гости од црковните општини од Франкфурт, Мајнц, Улм, Минхен и Виена, пред спомен-плочите на Свети Методиј, кој дел од животот во заточеништво минал токму во Елванген, се проговори за неговиот придонес во создавањето на кириличното писмо, кое стана основа за писмата на различните словенски народи.

Апостоли на сите Словени

Во обраќањето пред гостите и граѓаните на Елванген, македонскиот амбасадор во Германија, Ѓорѓи Филипов, истакна: „Од ова место еднаш кажав, а сега уште еднаш повторувам – Свети Кирил и Методиј се апостоли на сите Словени. Не може на нив да има посебно право ниту еден словенски ентитет. Со денешниот акт заедничкото чествување од страна на Македонија, Бугарија Германија, Словачка и Чешка ја подвлекуваме нашата определеност и натаму да ја развиваме, да ја продлабочуваме идејата на европското обединување се додека и последниот народ од Балканот гордо не стане дел од Европската унија“, нагласи Филипов.

Kranzniederlegung vor den Gedenktafeln in Ellwangen
Македонскиот амбасадор во Германија, ФилиповФотографија: DW

На Плоштадот Методиј пред претставниците на македонските, но и бугарските црковни општини, збор имаа и германските домаќини, како и дипломатите на Бугарија, Чешка и Словачка. Атмосферата беше релаксирана и ги немаше дискусиите од типот „чиј е Методиј", кои многупати во минатото пред спомен плочите ја вжештувале атмосферата.

Заедничка прослава на празникот

Заедничкото чествување на празникот има понова историја за што градоначалникот на Елванген, Карл Хилсенбек, потсети: „Разликата од празнување од пред десетина години е суштинска. Ова значи дека Македонија, Бугарија, Словачка и Чешка сега празнуваат заеднички, што порано не беше случај. Не дека имаше некои проблеми, но секоја држава си правеше сопствена прослава. Но, ако сакаме една заедничка Европа, тогаш една ваква прослава е вистинска прилика да се демонстрира ова заедништво“, истакна градоначалникот Карл Хилсенбек.

Die erste Gedenktafel in Ellwangen
ЕлвангенФотографија: DW

Заедништвото е улицата која води кон Европа – беше пораката од чествувањето, која за жал пропуштија да ја чујат сите оние кои на стигнаа во Елванген. Особено Македонците од црковната општина од Штутгарт, која го носи имато на светителот, а која донела одлука да го бојкотира настанот, зашто организацијата на манифестацијата ја презеде поблиската црковна општина „Свети Димитриј" од Ален. Денот на Свети Методиј, во кој се оддржа и еден фудбалски натпревар, финишираше во Релинген со семакедонски собир, со чашка вино, песна и оро.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Трајче Тосев