1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев го чека тежок пат по калдрма

22 август 2020

Тесното мнозинство во Собранието не e клучен проблем за владеењето. Клучниот проблем за втората влада на Заев е дали ќе постави вистински цели и ќе има ли знаење, енергија и умешност да ги оствари. Пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/3hKlN
Nordmazedonien Wahlen Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/Xinhua/T. Georgiev

За победата на изборите веќе нема време да се зборува. Таа приказна за Зоран Заев е завршена. Таа победа беше и слатка и горчлива. За него и за партијата слатка, затоа што успеа по трет пат по ред да ги победи главните политички ривали по сите потценувања, клетви поради промената на името, тешките лузни од аферата „Рекет“, страшниот пад на специјалната јавна обвинителка, жестоките обвинувања од опозицијата за криминали на структурите од власта, за наводниот поткуп на гласачи, по огромните економски проблеми поврзани со корона кризата, по жилавото опстанување на Ковид-19 и стотиците починати луѓе. Па, сепак, сиот тој товар не успеа да натежне над договорите со Грција и Бугарија, зголемувањето на минималната плата, намалувањето на невработеноста, членството во НАТО и одлуката за почеток на преговори со ЕУ. Заев може да биде задоволен од она што успеа да го направи за две и пол години, за кое опонентните велат дека е катастрофален биланс.

Горчливоста на победата допрва ќе доаѓа за него. Во времето додека беше премиер успеа да изменаџира такви ситуации кои изгледаа невозможни (како уставните промени) и веројатно ги убедија неговите противници дека навистина дошло времето во кое не треба да се потценува неговата политичка умешност. Во голема мерка му помогна и конфузијата во опозицијата, која немаше вистински кохеренетен став за главните предизвици на Македонија и повеќе инстинктивно се лепеше кон паролите од десничарскиот популизам отколку врз изградена политичка стратегија. Горчливоста за Заев доаѓа од осиромашеноста на неговата победа, по која ќе му биде потребна можеби и поголема умешност од онаа што досега ја покажа.

Преговорите со ДУИ за составување на новата влада ја покажаа фрагилноста на таа позиција по отровната размена на „политички оган“ од двете партии за време на кампањата. Но современата политика насекаде во Европа (а уште повеќе надвор од неа) е малку поврзана со некакви идеали. Таа повеќе е некаква умешност на можното во која треба да извлечеш најмногу од ситуацијата, која на прв поглед може да изгледа очајна. Бројките на пратениците во собраниските клупи ги одредуваат партнерите, без оглед какви жестоки тиради си упатувале едни на други само еден месец претходно. Интересот, најпосле, ги наоѓа своите патишта.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Двојната замка

„Победата“ на ДУИ изгледаше голема (иако резултатот на Алијансата за Албанците и Алтернатива е многу поголем), но таа не беше доволна за Али Ахмети целосно да ја наметне својата игра. Ахмети беше во двојна замка – ако го отфрли Заев и се обиде да прави коалиција со Христијан Мицкоски (со поддршка на тврдите националисти од Левица) ќе згази на гнила штица, по што падот ќе биде многу болен, затоа што ќе влезе во влада која ќе ги проблематизира двата клучни договори на кои и ДУИ е многу горда. А ако го прегрне Заев, ќе мора да се откаже од најзапаливиот слоган од кампањата за премиер Албанец и со привид за министерски ќар да покаже дека ДУИ е, всушност, главниот добитник. Ахмети, едноставно, беше приморан на уште една дружба со Заев (и обратно, поради бројките) за потоа приказната убаво да се продаде кај сопствените гласачи.

Секако, и Заев мораше да подголтнува многупати за да успее да конципира влада која ќе ја рефлектира победата на неговата коалција и во која ќе може да докаже дека не бил надигран во преговорите. На крајот, изгледа дека партнерите можат да бидат задоволни. ДУИ да се гордее дека Албанците го имаат првиот шеф на македонската дипломатија, што, во основа, доаѓа како некаков природен развој на политичките настани. Претседателот на параламентот од ДУИ е во втор мандат и тоа веќе не е никаков спектакл; ДУИ имаше двајца министри за одбрана, четворица вицепремиери за европски политики, па зошто местото на првиот дипломат би било табу тема, особено откако двете клучни прашања за Македонците – договорите со Грција и Бугарија – веќе се завршени. Колку и да негодуваат одредени структури во ДУИ за номинирањето на Бујар Османи за министер за надворешни работи (наводно премногу долго бил на различни функции во владата), неговото досегашно досие во ресорот за европските политики е успешно. Тој покажа истрајност, знаење и упорност, што не треба да се потценува од кого било.

Потоа, именувањето на Фатмир Бесими за министер за финансии исто така не е посебен спектакл. Уште во почетокот на 1990-те Албанците имаа министер за финансии – Џевдет Хајредини и оние што се сеќаваат повеќе знаат дека никој не креваше посебна врева за некаков етнички успех (или пропаст). Едноставно, во Хајредини се гледаше како на човек кој знае да си ја врши работата за која беше избран. И токму поради таа негова работа до денес е почитуван соговорник и аналитичар кој јасно и остро ги кажува работите.

Дали имињата на новите министри произлегле од заедничкиот став на Ахмети и Заев дека треба да се изберат навистина способни луѓе со соодветна политичка тежина; дали мандатарот имал посебни барања за квалитетот на кадрите што ќе ги предложи коалицискиот партнер, не е сосем јасно. Но јасно е дека она што сега во група го предложи ДУИ е барем за еден степен поквалитетно од она што можеше да се види во повеќе вмровски влади, а и во оваа последната.

Други колумни од авторот:

Успехот на ДУИ е голем, но на Алијансата огромен

Мицкоски – човекот што помисли дека може да биде лидер

Како автократите си честитаат едни на други

Како да се искористи моментумот

Заев го калибрираше и составот на сдсмовските министри, тој сега изгледа покомпактен во неговиот намален обем, но дали ќе биде и поуспешен ќе видиме. И дали владиниот кабинет ќе работи како заеднички тим исто така е големо прашање. Завршија големите теми и Зоран Заев до следните избори ќе се оценува дали го испорaчал она што го ветува пред истрошените, апатични и измачени граѓани од корона кризата и од сиромаштијата. За четири години граѓаните ќе заборават и на Преспанскиот договор и на членството во НАТО и на веќе почнатите преговори со ЕУ – нив најмногу ќе ги интересира дали им е подобрен животот, дали е намалена корупцијата и дали заживеало владеењето на правото.

Тоа е таа груба калдрма по која ќе оди Зоран Заев наредниве години. Експериментите со разните совети за судски реформи пропаднаа, судскиот и обвинителскиот систем не е извлечен од летаргијата и уште е под влијание на политички и бизнис моќници. Таа машинерија работи по свои тајни кодови и ќе треба неверојатен напор да се измести од тој ритам. Можеби затоа Заев го предложи Бојан Маричиќ (човек од негова голема доверба) да биде следниот министер за правда. Граѓаните со право се незадоволни од состојбите во оваа сфера и ако владата потфрли во наредните години токму на тоа поле, следните избори со голема веројатност ќе ги загуби. Гласачите може да ти дадат уште една шанса, но за втора сигурно ќе размислат подобро. Именувањето на Маричиќ е директно поврзано и со отворањето на преговорите со ЕУ. Маричиќ досега беше технички преговарач со ЕУ и кога се знае дека прво се отвора кластерот за владеење на правото неговата работа ќе биде од најголемо значење за владата. Никој не може да знае колку ќе успее Маричиќ во оваа херкуловска мисија за Македонија. Ако тој не успее, товарот ќе падне врз грбот на Заев. Но и ако владата како тим нема храброст за вистински реформи во овој сегмент на општеството, тогаш неуспехот најмногу ќе му биде припишан на Заев. Тогаш е прашање како ќе можат да се добијат следните избори.

По експериментот со Кочо Анѓушев, кога Заев направи преседан да го прими во владата претставникот на крупниот капитал, со образложение дека треба да го следи пулсот на бизнисот, мандатарот изгледа разбра дека олигарсите не излегуваат на избори, туку политичките партии. И дека во секоја земја владата е составена од политички претставници на оние што победиле, а не од мозаик на разните интересни групи. Фатмир Битиќи како вицепремиер за економски прашања треба да ги претстави економските политики на партијата. Тој порано беше директор на Стопанската комора на северозапдна Македонија, а потоа се пресели во структурите на СДСМ за да ги креира економските политики на партијата. Јавноста веќе го знае како одмерен и добар соговорник, кај кого ја нема онаа ароганција за која ги обвинуваат сдсмовците.

Во предзборието имаше повеќе телевизиски дебати со Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ и тие им останаа во сеќавање на гледачите како економски разговори на двајца стручни луѓе кои имаат почитување еден за друг и кои повеќе бараа решенија за економските проблеми отколку што водеа жесток политички натпревар. Но едно прашање се дебатите во телевизиските студија, а друго наоѓање и спроведување на вистинските решенија. Потоа, прашање е дали Битиќи ќе работи како тим со министрите за финансии и економија, кои се од ДУИ, за да не влече секој на своја страна. Доколку Битиќи не успее да ја направи својата работа видлива и не успее да ги постави правците за подобрување на стандардот и отворање на нови работни места како и нова структура на економијата, и таа работа логично ќе падне врз грбот на Зоран Заев.

Потоа, Заев ќе треба да се справува со консензуалното одлучување во владата. Артан Груби досега не беше во извршната власт. Неговите настапи многу често знаат да го иритираат македонскиот дел од граѓаните поради етноцентричките ставови. Тој сега, како прв вицепремиер, може да го донесе тимот да пука по шевовите доколку се труди повеќе да настапува во интерес на етникумот или партијата.

Тесното мнозинство во Собранието не е клучен проблем за владеењето. Има толку многу случаи во европската (а особено израелската) политика кога владата имала мнозинство од само еден глас па опстанувала по четири години. Клучниот проблем за втората влада на Зоран Заев (чија програма се пишува овие денови) е дали ќе ги постави вистинските цели и дали ќе има знаење, енергија и умешност нив да ги оствари. Доколку не покаже некаков опиплив успех барем во првите пет-шест месеци, понатаму мандатот ќе ѝ поминува во поправање на впечатокот. Сосем веројатно дека Зоран Заев е прилично свесен за тоа. А веројатно е и свесен дека ако го загуби моментумот, најпосле може да загуби сѐ.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар