1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една од бомбите претоварена во Келн

31 октомври 2010

Бомбите од Јемен, откриени во два транспортни авиони, ги изнесоа на виделина безбедносните пропусти во воздушниот транспорт на стоки. Во меѓувреме, потрагата по организаторите на нападот дава првични резултати.

https://p.dw.com/p/PurF
Британскиот премиер Дејвид Камерон тврди дека една од бомбите поминала и преку аеродромот во КелнФотографија: picture-alliance/dpa

Пакетите полни со експлозив дефинитивно го носат печатот на јеменскиот огранок на Ал Каеда, процени американската министерка за внатрешни работи Џенет Наполитано. Станува збор за истата терористичка група која минатата година на Божиќ се обиде да активира експлозивен материјал во американски авион. И во тој случај бил користен експлозив од типот ПЕТН, кој е пронајден и во двата пакети од Јемен.

Како одговор на терористичката закана од Јемен, германските власти го забранија транспортниот сообраќај со Јемен. Сите транспортни претпријатија, служби за брз транспорт на стоки и останатите фирми добија налог да ги претресат сите складирани стоки од Јемен и строго да ги контролираат новите. Британската телевизија „Скај Њуз“ дури јавува дека еден од пакетите, што беше откриен во Велика Британија, бил претоварен на аеродромот во германскиот град Келн.

Jemen Bombe
Бомбите содржеле доволно експлозив да го урнат целиот авион?Фотографија: AP

„Пакетот, товарен во Јемен, претоварен во Германија и откриен во Велика Британија на патот до САД, уште еднаш покажува колку одлучни и обединети мораме да бидеме во борбата против тероризмот“, нагласи Дејвид Камерон, британскиот премиер, пред денешната (31.10.) средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

Уапсени неколку лица поврзани со Ал Каеда

Во меѓувреме, во Јемен веќе е уапсена млада жена, студентка, за која се верува дека ги испратила експлозивните пакети. Уапсена е и нејзината мајка, како и уште неколку лица, за кои се верува дека имаат врски со терористичката мрежа Ал Каеда. Претседателот на Јемен, Али Абдула Салех, нагласи дека осомничените се приведени врз основа на разузнавачките информации, што јеменските власти ги добиле од тајните служби на САД и Обединетите Арапски Емирати. Во јеменскиот главен град Санаа се откриени уште 26 сомнителни пакети.

Американските власти се` повеќе се уверени во тврдењето на британскиот премиер Дејвид Камерон и дека откриените пратки требало да експлодираат во самите авиони, а не во еврејските институции во Америка, на кои биле адресирани. Како што потврди британската министерка за внатрешни работи, Тереза Меј...

„...експлозивниот материјал бил во состојба да биде активиран. Можно е целта да бил самиот авион, и доколку дошло до експлозија, таа би била доволно силна да предизвика уривање на леталото“, рече Меј.

Бомбите биле опремени со мобилен телефон, штоперица и батерии, меѓутоа експертите засега не можат да утврдат дали експлозивите располагале со техничка можност да бидат активирани додека авионот е во лет.

Меѓутоа, самиот факт што воопшто успеале да бидат натоварени без проблем е причина за загриженост. Ова уште еднаш покажува дека терористите не се откажуваат од барање нови патишта за извршување на нападите.

Автор: ТТ/ЕМФ/дапд/афп/дпа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска