Траен фонд за еврото
24 јануари 2012Министрите за финансии на 17-те држави од еврозоната и министрите од останатите членки на ЕУ, одобрија синоќа Договор за создавање Европски стабилизациски механизам (ЕСМ). Ова го потврди претседателот на Советот на министрите за финансии од еврозоната и премиер на Луксембург Жан Клод Јункер по средбата на министрите во Брисел.
ЕСМ треба во јули да го замени досегашниот временски ограничен фонд ЕФСФ и да стави на располагање 500 милијарди евра за презадолжените земји од еврозоната. Германија учествува со најголем удел во фондот.
За да добијат финансиска помош од ЕСМ, државите треба да го ратификуваат пактот за построга буџетска дисциплина, којшто треба да биде прифатен на следниот Самит на ЕУ на крајот од месецов и потпишан во почетокот на март.
Нови барања до Грција
Министрите за финансии на земјите од еврозоната покрај тоа побараа Грција да изработи нова програма за буџетски ограничувања, со цел да го намали дефицитот, објави синоќа Јункер.
„ Ги поканивме грчката Влада и меѓународната тројка составена од Меѓународниот монетарен фонд, Европската комисија и Европската централна банка, да се договорат што е можно побрзо за главните параметри на нова програма за реформи во буџетот“, изјави Јункер
Грчките власти и приватните кредитори треба да постигнат договор во следнитеденови за намалување на преголемиот долг на Грција, кој може да доведе до државен банкрот, нагласи Јункер.
Автор: СН/ АМ/ дпа/ ртр/ миа
Редактор: Александра Трајковска