1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Дарко Рундек: На светот му треба мудар крал

Хелена Пуљиз
5 мај 2019

Во интервју за Дојче Веле, хрватскиот музичар Дарко Рундек говори за својот еколошки и општествен активизам, иднината на светот и секако, својата музика...

https://p.dw.com/p/3HMzN
Kroatien l Musiker Darko Rundek
Фотографија: DW/H. Puljiz

Еден од најпопуларните хрватски музичари Дарко Рундек веќе 40 години е активен на музичката сцена. Некогашниот фронтмен на култната група „Хаустор“ не е само музичар и поет, туку и филмски и театарски композитор, режисер, а последниве години и жесток еколошки активист. Со сопругата, театарската режисерка и преведувачка Санда Хржиќ, живее на релација Брач-Загреб-Париз, а разговаравме во Загреб недолго откако го предводеше успешниот протест за спас на последниот загрепски отворен поток.

Во последниот период се истакнувате со еколошки протести. Што Ве мотивира на еколошки активизам?

Интимно не се чувствувам како активист и мојот активизам се случува од нужда. Кога ќе ме повикаат и акцијата ќе ми се чини смислена, тогаш и делувам. Насекаде околу себе гледаме дека светот се менува. Кога сме на Брач гледаме дека дното на морето изгледа како површината на Месечината - веќе нема корали, алги, растенија, насекаде само сив, гол камен. И на Брач и во Загреб гледаме дека има се’ помалку птици. Јас сум „ноќен“ човек, секогаш одам на спиење пред зори кога ќе се огласат птиците. Во последно време веќе не ме испраќаат во кревет. Не гледам ни дека пиајлоците ги напаѓаат оси на балконот, ниту има дамки од инсекти на стаклото на автомобилот кога возам. Се’ ни говори дека исчезнува дел од нашиот жив свет и јасно е дека рамнотежната е пореметена и мораме да реагираме. Ми се чини дека се’ повеќе луѓе се свесни за тие промени, се обединуваат и би можела да се случи револуција - не е тоа револуција во марксистичка смисла, туку револуција која треба да го обезбеди опстанокот на животот на планетата.

Неодамна го предводевте протестот за спас на потокот Чрномерец, последниот загрепски отворен поток, а претходно го дигнавте гласот и против сечата на градските шуми и предизвикавте брза реакција. Како реагираат граѓаните на тие Ваши акции?

Искрено бев изненаден колку многу луѓе се собраа за спас на потокот и стана свесен дека навистина голем број луѓе чувствуваат и гледаат што се случува и сакаат нешто да сторат. Прашањето е како да се артикулира таа потреба, бидејќи кај нас често се’ се сведува на политички препирки и етикетирање. На Брач имам соседи странци- Швеѓанка и Американец, и тие постојано се чудат како луѓето во Хрватска не можат нормално да се договорат како да се реши некој комунален проблем и како се’ се сведува на прашањето кој е од која политичка партија.

Serbien Darko Rundek Musiker beim Konzert in Belgrad
Дарко Рундек на концерт во Белград во 2005 годинаФотографија: Getty Images/AFP/K. Sulejmanovic

Многу се расправа за кризата на либералната демократија и капитализмот. Која е алтернативата на актуелниот систем, според Вас?

Јас сум ројалист. Либералната демократија е систем кој се јаде самиот себе. Политичарите се свесни дека за вистинска промена мораат да носат непопуларни решенија, но тоа би значело нивен крај, затоа што непопуларните политичари ги губат позициите. Ние всушност имаме криза на политички долгови, бидејќи сите мислат како по четири години мандат повторно да ги подмитат гласачите.
Со оглед на тоа дека сум ројалист, сметам дека единствено мудро водство - мудар крал - може да ги промени нештата.

Тоа би подразбирало дека и тој крал е добронамерен хуманист...

Зошто да не биде добронамерен хуманист? Мојот крал би бил хуманист и не би се грижел само за сопствениот задник. Владеењето со општеството не е мала и лесна работа, тоа е тешка работа и бара мудар човек. Само водење од мудар крал може да не’ спаси од оваа ситуација кога целиот свет е пред колапс. Ќе се случат природни катастрофи поради кои ќе мора да се суспендираат постојните институции и демократските системи, а во тоа неизбежно сценарио посакувам водство од мудар крал. Ние сме се’ поблиску до вонредна состојба поради реалниот колапс на денешниот свет.

Сте посакале ли некогаш активно да се занимавате со политика, да бидете тој мудар крал?

Боже пази! Имаше неколку пропаднати обиди на тукашните политичари да ме придобијат на своја страна, но брзо се откажаа бидејќи беше јасно дека тоа не ме интересира.

Како ја коментирате состојбата во Хрватска?

Мене ова што го живееме ми е жално. На неколку дена, кога ќе ги отворам весниците, добивам мачнина бидејќи има толку евтино подметнување и ситничарење. Жален е недостатокот на амбиција на нашите политичари и не разбирам зошто е така. Земјата е прекрасна, природата не е премногу упропастена, имаме паметни и прекрасни луѓе кои многу знаат и многу можат, а ние како општество во целина сме на толку ниско ниво на развој што сме целосно бедни.

Kroatien l Musiker Darko Rundek
Фотографија: DW/H. Puljiz

Им дозволувате ли на политичарите да ги користат Вашите песни во кампањи?

Не. Моите песни се користат само на протести. Иако, ниту една не сум пишувал со намера да биде бунтовна. Ay Carmela се роди како театарска нумера, за контекстот на Шпанската граѓанска војна, а стана песна на оние кои заговараат револуција. „Шејн“ која има статус на бунтовничка химна воопшто не е бунтовна и е целосно интимна песна, а „Сејмени“ е инспирирана од филм, а не од војна со која многумина подоцна ја поврзаа. Не сум поет-бунтовник, само се случи некои мои песни луѓето да ги поврзуваат со бунт.

Кога можеме да го очекуваме следниот албум, откако минатата година објавивте неколку синглови?

Наместо работа на албум многу „шарав“ и правев разни работи. Во Белград беа деновите на Дарко Рундек и претставив пет различни проекти. Кога славевме 20 години од „Апокалипсо“ собрав музичари од Загреб кои сега се мој голем голем бенд, Екипа. Екипа сними и неодамна објави албум со меѓумурски песни „Мура, Мура“ каде се појавувам како музички продуцент. Во последните два месеци имав концерти со Џез оркестарот на ХРТ, Тамбурашкиот оркестар на ХРТ, Кул де Сак и учествував на сесии на импровизирана музика.

Но да, работам и на новиот албум со Екипа. Оние три синглови, кои ги објавивме минатата година, веројатно воопшто нема да се најдат на албумот затоа што сакаме тоа да биде една уникатна целина.