1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турбофолкот и распадот на Југославија

Зорица Илиќ
20 јануари 2018

Турбофолкот е саундтрак на единството и распадот на Југославија, вели германската новинарка Соња Фогел во својата книга „Турбофолк и распадот на Југославија“. За ДВ таа говори за врската меѓу турбофолкот и национализмот.

https://p.dw.com/p/2quRL
Serbien Handfeuerwaffen Arkan
Фотографија: Getty Images/AFP/M. Vukadinovic

ДВ:Каде ја гледате врската меѓу турбофолкот и распадот на Југославија?
Фогел: Јас се обидов да преиспитам каде е таа врска бидејќи при моите први средби со екс Југославија бев многу изненадена со колкав национален набој се говореше за таа музика која беше насекаде присутна. Она што се обидов, е на некој начин, да ја претставам историјата на таа музика и како за таа музика се говорело од 70-те години, преку 80-те и 90-те години- времиња на национализам и граѓански војни кога турбофолкот всушност се развива- и до денес по ткн. демократски промени во Србија кога имаме нов турбофолк, а со тоа да се прикаже и историјата на распадот на Југославија.

Многу се говореше досега за врската меѓу турбофолкот и национализмот. Некои сметаат дека врската постои, други, дека тие тврдења се претерани. Какво е вашето мислење?

Buchbesprechung Turbofolk. Soundtrack zum Zerfall Jugoslawiens
Соња ФогелФотографија: Nane Diehl

Верувам дека во дебатата за национализмот турбофолкот игра голема улога. Од друга страна и во дебатата за турбофолкот, национализмот игра голема улога. Верувам дека може да се каже дека таа врска е толку блиска бидејќи турбофолкот, како и самиот збор за тој вид музика, се роди дури во деведесеттите. Тоа значи во време на национализам и тие мегаѕвезди како Цеца (Светлана Ражнатовиќ) која е вдовица на воениот злосторник Аркан (Жељко Ражнатовиќ). Тука постои една директна врска со национализмот, но самата музика не е политичка. Тоа е поп музика со големо влијание од запад, но и со големо влијание од регионалниот фолклор. Текстовите, всушност, без исклучок се неполитички. Тие се, сосема во согласност со примерите од Запад, попрво љубовни приказни, делумно трагични љубовни приказни. Но, она што го прави турбофолкот политички е таа врска со деведесеттите и тоа како се зборува за него и тоа како тој постојано се доведува во врска со посебни аспекти на тие општествени промени, тоа значи дека за него се говори дека одбележан со српскиот национализам, дека е кичест, дека е порнографски, итн.

Во книгата велите дека турбофолкот е повеќе од музички жанр, дека е тоа лајфстајл, култура со сопствена естетика. За каква естетика станува збор?

Југоносталгијата е се‘ уште жива

Таа естетика е дел од тогашното општествено милје и сето она што се случувало во деведесеттите години. Во тој момент повеќе немало југословенско општество со диференцирана, многу прозападна поп-култура, туку општествата одеднаш биле силно одбележани со граници. Кога се работи за естетиката на турбофолкот, тоа пред сѐ се покажува низ сликата за улогата на родот, значи во естетиката на жените и мажите. Исто така и во тоа како тие се претставени во видео-спотовите, значи како изгледаат самите пејачки. Тоа е многу сексуализирана слика на жената, многу стереотипизирани прикази на жените- екстремно долги нозе, големи гради, напумпани усни, екстремно нашминкани, долга и права коса. Тоа е слика која додуша постоеше, но сепак екстремно се разликува од сликата на жената во осумдесеттите години која во Југославија сепак беше јасно поотворена.

Што ви беше Вам како Германка особено впечатливо во текстовите на песните кои ги анализиравте?

Додека истражував и ги слушав текстовите бев екстремно изненадена и шокирана од сликата за жената или приказните за жените за кои се говори во песните на Цеца. Тоа, во принцип, како и во поп музиката се вообичаени љубовни приказни раскажани од перслектива на жена, но тие не се ни помирливи ниту романтични, туку екстремно брутални љубовни приказни кои всушност раскажуваат за тоа како мажот ја измамува жената и како делумно ја злоставува. Цеца, но и жените за кои таа зборува, во песните раскажуваат за тоа како се измачени и како страдаат во таа ситуација, но не ја напуштаат. Тоа го сметав за екстремно интересно и таа радикалност никогаш не сум ја слушнала во други форми на музика.

Buchbesprechung Turbofolk. Soundtrack zum Zerfall Jugoslawiens
Насловната страница на книгата „Турбофолкот и распадот на Југославија“Фотографија: Ventil Verlag/Vladislava Djuric

Турбофолкот се секогаш другите, наведувате во книгата. Како го објаснувате тоа?

Го објаснувам со тоа дека дебатата за таа музика е екстремно набиена со емоции. Она што е феномен и што е интересно во турбофолкото е дека таа музика во деведесеттите години немала алтернатива. Тоа значи дека можела да се слушне насекаде, на радио, телевизија, а и покрај тоа не можете да најдете, или барем јас не успеав да најдам никој, кој ќе рече: „Јас со задоволство слушам турбофолк. Јас сум фан на турбофолк“. Верувам дека таа противречност е во тоа бидејќи со турбофолкот е испреплетен општествениот развој, губењето на разноличноста во културата, прашањето на еднаквоста на половите, кое релативно постоеше во поранешна Југославија, итн., а турбофолкот покажува како на сето тоа може да му дојде крајот.

Соња Фогел е уредничка во Фондацијата Баухаус во Десау. Како новинарка работела во Германија, Русија и Србија, меѓудругото и за германскиот Тагесцајтунг и Нојес Дојчланд. Дипломирала на родови и источноевропски студии.