300310 Nordkaukasus Moskau Anschläge
31 март 2010Еден чеченски бегалец, кој пред половина година избегал во Германија и затоа не сака да го открие својот идентитет, тврди дека во неговата татковина не е ниту мирно, ниту стабилно. Претседателот Рамзан Кадиров владее со диктаторски методи и не ги почитува принципите на правната држава, тврди бегалецот: „Ситуацијата е катастрофална. За стабилност не може воопшто да стане збор. Тие секому можат да му најдат нешто и да го обвинат дека е сепаратист или терорист или вахабит. Оние кои набедуваат други добиваат и награда од 5.000 - 6.000 долари. Во земјата секако има уште борци на отпорот, кои се борат за независност на Република Чеченија.“
Зад Кадиров стои Путин
Анонимниот бегалец од Чеченија и самиот бил на страната на бутновниците повеќе години и тврди дека за него и неговите соборци е јасно оти претседателот Кадиров е фактички продолжена рака на рускиот премиер Владимир Путин. На исто мислење е и чеченскиот политичар во егзил, Ахмед Закајев. Тој во 90-тите години дури беше министер во владата на Република Чеченија, а сега живее како политички азилант во Лондон. „Одговорноста за она што се случува во Чеченија и во целиот регион на Северен Кавказ е кај руското раководство. Ве уверувам дека Рамзан Кадиров е апсолутно под контрола на Кремљ. А Кремљ пак му даде одврзани раце да прави што сака во Чеченија. Нашата борба за независност ќе продолжи се’ додека не се најде политичко решение, што ќе биде прифатливо и за Чеченците и за Русите.“
Независност без борба?
Ахмед Закајев сака да ја оствари чеченската независност со мирни средства и го осудува насилството. Русија меѓутоа го смета сепак за осомничен терорист и бара негова екстрадиција. Закајев открива дека минатата година дури имало и тајни преговори со руското раководство, при што тој поставил три услови: „Прво, Русите треба да ни ги предадат посмртните останки на угледни Чеченци, за да можеме да ги погребаме. Второ, треба да пуштат од руските затвори 20.000 Чеченци. И трето, да престанат да ги прогонуваат роднините на чеченските бунтовници. Руската страна не сакаше да ги исполни условите и преговорите беа прекинати.“
Страв во дијаспората
Закајев во меѓувреме се обидува да ја организира чеченската дијаспора и да свика Светски чеченски конгрес со барање за независност. Но, неговите сонародници во странство се плашат, вели тој, како за себе, така и за нивните роднини во татковината. И покрај тоа, повеќето Чеченци нема никогаш да се откажат од идејата за слободна и независна држава, тврди политичкиот бегалец Ахмед Закајев.
Автор: Гезине Дорнблит/ Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска