Дали е Медведев доброволна „втора виолина“?
2 март 2009И ден денес е проширено уверувањето дека претседателот Дмитри Медведев претставува „втора виолина“ во руската политика. Улогата на „прва виолина“ е резервирана за моќниот Владимир Путин, кој од позицијата на претседател се префрли само на следниот лост на моќ - функцијата на премиер. Во тоа е уверена и руската јавност: според најновото истражување на независниот институт за истражување на јавното мислење „Левада центар“, само 12% од Русите веруваат дека Медведев има реална моќ.
Таквиот став има и подлога во реалноста. Минатата година Путин се најде секогаш во центарот на вниманието кога беше неопходен кризен менаџмент. Така беше со војната во Грузија, така беше и со спорот околу земниот гас со Украина. Медведев само го следеше политичкиот курс на неговиот ментор Путин, иако од време на време сигнализираше полиберален пристап. Тоа меѓутоа остана само вербална заложба - во политиката на Русија во изминатава година се сменија многу малку работи.
Што сака всушност Медведев?
Суштинското прашање гласи: дали Медведев воопшто сака да се еманципира од Путин? Ситуацијата на актуелниот руски претседател не е лесна: народот го врти погледот кон Путин, а не кон него; и политичката и економска елита на земјата се ориентира кон премиерот Путин; во државниот апарат исто така доминираат верни кадри на Путин. И Медведев лично му припаѓа на тој круг. Затоа никој не би требало да му се лути доколку ја прифати улогата на повеќе репрезентативен претседател, кој ја држи топла фотељата за Путин додека тој да може повторно да седне на неа.
Мора да се истакне и дека руската политика е пред се’ персонална политика. Секоја промена на политичкиот курс почнува со промена на кадрите. Така беше и под Сталин и под Горбачов и под Јелцин. Па и Путин во првите години по доаѓањето на власт постепено ги смени сите луѓе од доверба на претходникот Јелцин и постави сопствени луѓе на важните позиции. Тоа е централното правило во руската политика: само оној, кој ќе постави свои луѓе на важните позиции, само тој може да креира и сопствена политика.
Прва кадровска иницијатива
Од таа гледна точка станува интересен проектот на претседателот Медведев за т.н. кадровска резерва. Тој, како претседател на државата, најави создавање список од 1.000 лица, кои во иднина доаѓаат предвид за одговорни функции во државата. Со тоа нема да се постигне само прокламираната цел за систематско подмладување и професионализирање на државниот апарат. На тој начин Медведев би можел постепено да создава кадри, кои нему ќе му бидат благодарни за политичката кариера. На ова поле претседателот беше веќе активен изминативе недели: тој изврши целни промени на гувернерски места и во други државни тела и при тоа поддржа лица кои не соодветствуваат потполно со изборот на Путин. Дали од тие зачетоци може некој ден да изникне и нова руска политика, останува да видиме.
Во секој случај не треба да се потценуваат амбициите на Медведев, ниту пак има смисол тој да се сведува на доброволна марионета на Путин. Можеби актуелната економска криза во светот дури и ќе го натера да се дистанцира од неговиот политички ментор - Путин.