1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчката влада тврди дека е постигнат договор со Сименс

9 март 2012

Атина тврди дека Сименс со години плаќал мито во Грција и сега мора да плати отштета. Според министерството за финансии, во Атина двете страни постигнале спогодба за да и’ се стави крај на аферата.

https://p.dw.com/p/14Hzr
Фотографија: AP

Германскиот концерн Сименс и владата во Атина постигнаа согласност за отштета поради аферата околу давање мито од страна на Сименс во Грција. Министерството за финансии соопшти дека владиниот кабинет дал согласност за спогодбата. Таа предвидува Сименс да исплати 170 милиони евра отштета и во тековната година да инвестира 100 милиони евра во Грција.

Освен ова, претпријатието треба да се извини „јавно кај народот, парламентот и владата“ и да даде уверување дека грчкиот огранок на фирмата ќе биде дел од тригодишна антикорупциска програма под надзор на грчки комесар, се вели од страна на владата. Постигнатата спогодба мора да ја одбри и парламентот.

Според првата програма на германската телевизија, портпарол на Сименс не сакал да заземе став по оваа информација.

Грција му префрлува на концернот од Минхен дека подмитувал политичари во разни државни институции и вработени во грчкиот Телеком ОТЕ за да добие вносни договори. Аферата се однесува на периодот од крајот на 90-тите години до 2009 година.

Автор: АТ/ АМ/ афп

Редактор: Е. М. Фиданоска