1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници евра за отштета од каснување од куче скитник

ДТЗ
22 април 2022

Со вонсудски спогодби се бара спас за напливот на тужби од граѓани кои биле нападнати од кучиња скитници. Во 2020 година се поднесени 480 тужби само против Град Скопје, додека во 2021 година - 589 тужби.

https://p.dw.com/p/4AIwh
Pitbull
Фотографија: Getty Images/AFP

Илјадници евра секоја година се одлеваат од градската и од општинските каси по основ на тужби на граѓани коишто биле нападнати од бездомни кучиња. Од година во година и тужбите и побарувањата за отштета само раснат, поради што надлежните бараат начин како да се спасат од огромниот одлив на средства. Градот Скопје и јавното претпријатие за третман на улични кучиња „Лајка“ само минатата година исплатиле речиси еден милион евра како отштета за каснувања од бездомни кучиња. Против Градот Скопје во 2020 година биле поднесени 480 тужби, за што биле исплатени околу 250 илјади евра, а во 2021 година се исплатени над 400 илјади евра по однос на 589 тужби. „Лајка“, којашто солидарно учествува во плаќање на отштетата,  исплатила исто толку средства.

Со цел да се реши проблемот со напливот на тужби, но и да се спречат можни малверзации со отштетата, советниците на Град Скопје едногласно усвоија одлука со која пријавите за каснување од куче ќе се решаваат спогодбено, наместо да се влечат по судови. Граѓаните, пак, бараат да се решат долгогодишните проблеми со бездомните кучиња по улиците, кои често со или без причина знаат да ги нападнат и децата и постарите лица. Годишно само во главниот град се евидентираат над 600 случаи на каснати од улични кучиња. Минатата година бројката достигнала до 657 пријавени случаи во полицијата, додека во 2020 се регистрирани 647 случаи. Од почетокот на годинава дури 157 граѓани се пожалиле дека биле жртви на напад на уличните кучиња. 

Hovawart
Пријавите за каснување од куче ќе се решаваат спогодбено, место да се влечат по судовиФотографија: picture-alliance/imageBroker

Трошоците за судските постапки, жалбените постапки, одговорите на жалбите, адвокатски услуги во 2020 година го чинеа Град Скопје повеќе од 15 милиони денари, во 2021 година повеќе од 26 милиони денари. Тие се надеваат дека вонсудското спогодување е во полза на намалувањето на енормните трошоци кои произлегуваат од судските постапки и сите придружни процедури. Со новата одлука ќе биде оформена комисија, која ќе одлучува за начинот и исплатата на штетите од каснување предизвикано од бездомни кучиња. Комисијата ќе одлучува врз основа на правилник за склучување на спогодба со оштетени граѓани. 

„Проценките се дека за 50% ќе се намалат трошоците на Градот за судски такси и адвокатски награди, односно целосно ќе се елиминираат трошоците на 'Лајка', која во моментов е масакрирана од извршители“, вели Драгана Велковска, долгогодишна активистка за заштита на животните и животната средина и актуелна независна советничка во Советот на Град Скопје од Зелен хуман град. 

Лажирани напади

Надежите се дека на тој начин ќе се спречат можни малвезации со отштетата. „Јасно е дека има луѓе кои се навистина нападнати, ама уште појасно е дека има луѓе кои самите провоцираат напади и такви кои лажираат напади. Тие, вистински оштетените и ние, активистите, сме на иста страна“, вели Велковска во објава на Фејсбук. 

Според неа, колку повеќе има лажирани отштети, толку помалку пари остануваат за спроведување на единствената стратегија со која може да се стави под контрола бројот на бездомни кучиња во Скопје и С. Македонија, а тоа е „залови-стерилизирај-вакцинирај-врати на локација од која што е заловено“ и со тоа да се сведат на минимум инцидентите. Кај оперираните кучиња агресијата се намалува до 95%, укажува советничката во Град Скопје.

-повеќе на темата: Германија: Аргументот „кучето само сакаше да си игра“- не важи

Надлежните апелираат до граѓаните да пријават доколку се сведок на човек кој провоцира куче за да го нападне или доколку знаат некој што е вклучен во шеми на лажно пријавување. „Дајте заедно да ги спречиме злоупотребите и да помогнеме на Лајка да си ја врши дејноста за која постои - хумана и ефективна контрола на бездомните кучиња во Скопје“, порачува Велковска.

Проблеми и во внатрешноста

Со слични проблеми се соочуваат и градовите во внатрешноста на земјата. Општинските власти прават планови и бараат решенија како да се справат со овој горлив проблем. Како една од можните опции коишто секогаш се наоѓа на маса е да се собираат кучињата од улица и да се сместуваат во стационари, но ваквата идеја најчесто останува само на хартија. 

Градот Тетово е еден од оние коишто постојано имаат мака со кучињата скитници. Месечно има пријави од десетици граѓани, коишто побарале лекарска помош. Во судовите, пак, во тек се повеќе судски процеси и се чека епилог од нив. Општина Битола само минатата година платила над 18 илјади евра оштета на битолчани каснати од бездомни кучиња. Во просек, секоја недела барем еден граѓанин ја тужи општината по овој основ.

700 куќарки за бездомни миленици

Општина Куманово со години наназад спроведува годишен тендер за заловување кучиња скитници и организира акција за вдомување во соработка со избраниот оператор и со здруженија на граѓани. Изведувачот е должен да ги залови кучињата, вакцинира, да ги смести во прифатилиште и да спроведе акции за вдомување. Општина Дебар веќе трета година по ред издвојува буџет за згрижување на кучињата скитници. Досега се третирани 40 кучиња скитници.

И Охрид, како најголем туристички центар во земјата, се соочува со голем број бездомни кучиња. Неодамна, беше покрената и онлајн петиција, во која се бараше од градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, отворање на згрижувалиште за бездомни животни.

 

#dw_BalkanBooster: Стерилизација и кастрација на уличните кучиња