Германија убедлива, победа на Македонија како гостин
17 август 2006Дебито на Јоахим Лев, како шеф на стручниот штаб на германската репрезентација помина како што само можеше да си посака: во пријателски натпревар синоќа во Гелзенкирхен Германија ја совлада Шведска со 3 спрема 0. Почетокот на германската селекција во првиот настап по светското првенство и под раководство на довчерашниот помошник на Јирген Клинсман, беше фуриозен: веќе во осмата минута беше 2 спрема 0, по головите на Шнајдер во 4-тата и на Клозе. Најдобриот стрелец на светското првенство беше и синоќа расположен – во 44-тата минута Клозе го постигна вториот свој гол на средбата, 31-ви во дресот на репрезентацијата. Во вториот дел, во кој беа извршени повеќе замени и дебитираа Мануел Фридрих од „Мајнц“ и Малик Фати од „Херта“ Берлин, темпото на Германците малку попушти, но тие и натаму беа подобар тим. Германија уште играше и без капитенот Балак, без повредените Мецелдер, Мертесакер и Хут.
По средбата на исполнетиот стадион во Гелзенкирхен, играчите пред се’ беа импресионирани од атмосферата. „Атмосферата овде е фантастична, ние ја пренесовме и овде по светското првенство. Мислам дека едноставно е важно таа еуфорија да се одржи, токму поради фудбалот, поради Германија. Се надевам дека ние повторно го дадовме нашиот удел“ – рече еден од најмладите во тимот Марсел Јанзен. Сличен впечаток има и нешто ппоискусниот Филип Лам: „Не ја задржавме само ние еуфоријата, туку и гледачите исто така. Ова што повторно се случуваше на стадионов е сензационално. Мислам дека одигравме одлично, речиси извонредно прво полувреме“.
Јоахим Лев ги имаше сите причини за задоволство: „Се разбира дека сите се радуваме што првиот натпревар по светското првенство испадна толку позитивен. Мислам дека е ова добар старт и за претстојните квалификации“. Натпреварот токму и беше во функција на подготовките: „Да, тоа беше меѓустаница помеѓу светското- и кавлификациите за европското првенство. Мислам дека веќе за време на светското првенство можеше да се забележи оти тимот полека стана позрел , покомпактен, постабилен. Светското првенство ни даде многу самодоверба, токму на младите играчи, и мислам дека денеска направивме добар почеток за наредните месеци“.
Започнаа и квалификациите за наредното Европско првенство. За Македонија успешно - на гостувањето ја совлада Естонија со 1 спрема 0, во рамките на Б-групата. Во А-групата Белгија и Казахстан одиграа нерешено 0 спрема 0, додека Грузија во средба од Е-групата ги совлада Фарските острови со 6 спрема 0.
Синоќа се одиграа и повеќе пријателски натпревари. Во некои од позанимливите дуели се постигнати следниве резултати:
Италија – Хрватска 0 спрема 2
Чешка – Србија 1 спрема 3
БиХ – Франција 1 спрема 2
Англија – Грција 4 спрема 0
Норвешка – Бразил 1 спрема 1
Данска – Полска 2 спрема 0
Ирска – Холандија 0 спрема 4