Германија е во финалето!
26 јуни 2008Во германските градови до раните утрински часови сликата беше-навивачки песни, автомобилски сирени, развеани знамиња многу пиво и неизмерно задоволство. По 12 години германската фудбалска репрезентација повторно игра во едно финале на големите фудбалски натпреварувања . В недела во Виена се отвора можност за освојување на четвртата титула европски првак. Но полуфиналето против Турција беше игра на нерви. Со релативно слаба игра и среќа на крајот беше извојувана победа од 3:2 во последната минута од натпреварот со голот на Филип Лам
Беше навистина тешко
Капитенот Михаел Балак по мечот го потврди она што го видоа сите. На Германците тешко им одеше против борбените и опасни турски репрезентативци:
„Многу се радуваме, но денеска изгубивме многу сила. Тоа беше тешка борба. Турците беа многу непријатен противник, и беше тешко да се игра против нив. Но на крајот ние уште еднаш покажавме голем морал и постигнавме уште еден гол“.
Со големо олеснување спортските коментатори во Германија признаваат дека Турција беше далеку поопасен противник иако играше без 9 првотимци. Германската одбрана честопати беше несигурна , средниот ред збунет . Сепак на крајот најважен е исходот:
„На турнир не може секогаш да се игра убаво. Тоа во еден дел зависи секако и од другата екипа. Турците играа многу дефанзивно и на контра напади, но на крајот ние успевме да пројдеме натаму и тоа е она што се брои “ – порача по мечот германскиот селектор Јоаким Лев.
И Меркел навиваше
Не беше едноставно ниту за германската канцеларка Ангела Меркел која честопати потскокнуваше од столчето на трибините на стадионот во Базел. Таа го проследи возбудливиот меч заедно со турскиот претседател Абдула Ѓул, на крајот признавајќи дека случувањата на теренот биле игра со нервите
„Честопати го запирав здивот , морам да кажам , и и‘ честитам на нашата репрезентација . Но морам да им искажам комлименти на Турците кои одиграа навистина добар натпревар “.
Германија во финалето в недела го очекува победникот од денешното второ полуфинале меѓу Шпанија и Русија .
„Со толку многу среќа како со Турција , ние ќе бидеме европски прваци “.
Вака воочи финалето размислуваат или барем се надеваат најголемиот број Германци.