1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: бранител на титулата само на хартија

Штефан Нестлер 16 јануари 2009

Во Хрватска почнува Светското првенство во ракомет за мажи. Германската селекција, која пред две години на домашен терен ја освои титулата светски првак, сега не важи за еден од фаворитите.

https://p.dw.com/p/GZFN
Германската репрезентација оваа година заплетканаФотографија: picture-alliance/Sven Simon

Дали има шанси бајката да се повтори? Поглед наназад на четврти февруари 2007 година. Тимот на тренерот Хајнер Бранд со 29:24 ја победи Полска во финалето во Келн, освојувајќи ја титулата светски шампион во ракомет. Во еуфорија, Бранд изјави: „Да бидам искрен, пред три недели не верував дека може да се случи ова. Имавме толку многу проблеми. Ќе ми треба малку време за да сфатам што, всушност, се случи на турнирот. Но, со тимот си поминавме одлично. А овој пат ја имавме и онаа мала доза на среќа, што понекогаш е потребна“.

Но, сега, две години подоцна, мала доза на среќа нема да биде доволно за успешната приказна да се повтори на првенството во Хрватска. Дури и самиот тренер е свесен дека Германија е бранител на титулата само на хартија. “Тимот веќе не е ист и на овој турнир мораме да почнеме од почеток“, изјави Бранд пред стартот на првенството.

Подмладена репрезентација

Mazedonien Handball Kiril Lazarov
Македонскиот тим ќе биде предизвик за Германците: Кирил ЛазаровФотографија: Petr Stojanovski

Германскиот национален тим не е во најдобра форма. По неколкуте разочарувачки настапи на Олимписките игри во Пекинг, германскиот тренер мораше да се прости со некои од хероите од минатото првенство, како Маркус Баур, Флоријан Керман или голманот Хенинг Фриц. Сегашниот прв голман, Јоханес, Битер, кој исто така беше дел од шампионскиот тим, смета дека нема ништо лошо во подмладувањето на тимот. „ Има неколку од играчите што играа на Светското првенство во Германија, но во секој случај немаме веќе толкав спектар на искусни ракометари, како што беше случајот на минатото првенство. Ако неколкумина се заморени или едноставно не им оди најдобро, може да биде тешко. Предност е што сме сега млада, репрезентација, желна за успеси“, вели Битер.

Желни за успех...

Handball Weltmeister Deutschland Jubel
Пред две години славеа во Келн, како ќе поминат оваа година?Фотографија: picture-alliance/ dpa

Но, други важат за фаворити оваа година: домаќинот Хрватска, олимпискиот победник Франција и европскиот шампион Данска. За младата германска репрезентација ќе биде предизвик да ги преживее противниците Македонија, Русија, Тунис, Алжир и Полска. Најдобрите три екипи од групата влегуваат во финалната рунда. Во првите неколку натпревари нема да настапи повредениот Михаел Краус. Тоj шири оптимизам меѓу соиграчите: „Патуваме во Хрватска за да победиме на секој меч. Тоа е сосем јасно. Не треба да речеме, добро, ќе одиме да победиме на три натпревари, на два ќе изгубиме и се’ ќе биде во ред. Ако треба нашиот настап да го формулираме како проект, тогаш тој би се викал „Проект: назад кон успехот“.

Кој знае? Можеби на младата селекција ќе и‘ успее некоја нова „зимска бајка“?