Вучиќ кај Меркел - точно напладне
27 февруари 2018Пред една година канцеларката Ангела Меркел во пријателски тон го прими српскиот премиер Александар Вучиќ. Некои набљудувачи ја протолкуваа поканата како помош на германската канцеларка за својот најдобар балкански ученик среде кампањата за претседателски избори.
Денеска Вучиќ повторно доаѓа во Берлин, овојпат како претседател, но повторно пред избори - оние во Белград на кои листата на Српската напредна партија го носи неговото име.
На Берлин му се брза
Меркел нема да има којзнае што ново да му каже на Вучиќ. Пред една година ги спомена добрите билатерални односи, го пофали Вучиќ за придонесот кон стабилноста, економските реформи и односот кон мигрантската криза, дипломатски ја нафрли потребата од постигнување договор со Косово, и слободата на медиумите.
Но, зад затворени врати, би можело да биде поинтересно. Пораките се можеби исти, но тонот со кој се изнесуваат би можел да биде различен. Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, како и посетата на Жан-Клод Јункер на регионот, покажуваат дека на Брисел и на Берлин им се брза. Во Стратегијата пишува дека односите со Косово треба „итно“ да се уредат, за терминот 2025 година да стане реалност.
Веројатно Меркел притоа ќе успее да разјасни што сакаше да каже шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел при неодамнешната посета на Приштина. Тој таму спомена и „признавање“ и „прифаќање“ на независноста на Косово - и од страна на Србија и од петте земји-членки на ЕУ кои тоа досега го немаат сторено.