NATO Sinnsuche
18 мај 2010Над шест децении по основањето, време е НАТО да ги обнови „ветувањата за брак“, вели Медлин Олбрајт: „НАТО не смее да дозволи опасностите на 21 век да ги разделат политичарите и да ја ослабнат нашата колективна решителност“, вели Олбрајт.
Поранешната американска министерка за надворешни работи раководи со групата експерти која требаше да размисли кои задачи НАТО треба да ги исполни 60 години по основањето и над 20 години од крајот на студената војна. Досега, воениот сојуз има направено еден нов стратешки концепт, но и од него се минати години, зашто тој беше подготвен пред нападите од 11 септември. Сега, како што се вели во новата предлог-стратегија, алијансата треба да биде подготвена за одбрана од терористи, од сајбер-напади и да знае да одговори на нападите врз важни институции.
Не смее да се заборави и главната задача на НАТО
Тоа го бараат особено новите членки на сојузот од Источна Европа кои порано беа дел од Варшавскиот пакт. Медлин Олбрајт оцени дека новата предлог-стратегија одговара на ваквите барања: „Алијансата и натаму има обврска да ја гарантира безбедноста на нејзините членки. НАТО мора да го задржи миксот од конвенционално оружје, нуклеарно оружје и противракетна одбрана, а треба да има и планови за реагирање во итни ситуации и планови за маневри, за членките да можат да веруваат дека нивните граници навистина се бранат.“
Од статична до мобилна алијанса
Истовремено, алијансата мора и натаму да се менува. Од моќна, но статична алијанса во времето на студената војна, НАТО мора да чекори во насока на флексибилна, мобилна и прилагодлива алијанса. Така стои во предлог-стратегијата буквално. Во нејзе се споменува и Иран и опасноста од ракетни напади што произлегува од таа земја. Групата експерти, затоа, бара една од задачите на НАТО да стане против-ракетната одбрана. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен вели: „Тоа претставува вистинска закана против која ни‘ е потребна вистинска заштита.“
Според Расмусен, потребен е ефективен систем за против-ракетна одбрана, кој ќе ги опфати сите луѓе од сите сојузнички земји. Но, истовремено, алијансата мора да се направи и поштедлива. Актуелната финансиска криза можеби е вистинскиот поттик за неопходните реформи во таа насока. За, како што вели Расмусен, да можеме разумно да ги трошиме парите.
Автор: Андреас Ројтер/ Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска