Во Минск уапсен лидерот на опозицијата Милинкијевич
27 април 2006Како причина за апсењето веројатно ќе послужи појавувањето на Милинкијевич на забрантетите демонстрации на главниот плоштад во Минск, што му беа посветени на денот на катастрофата во Чернобил.
Централниот плоштад во главниот град на Белорусија беше под потполна блокада на полицијата, бидејќи власта не издаде дозвола за најавениот митинг на опозицијата. Лидерот на опозицијата Александер Милинкијевич беше лично предупреден во никој случај да не се појавува на Октомврискиот плоштад, каде сепак успеаја да се пробијат дел од демонстрантите. Но, тој се чувствуваше обврзан кон своите приврзаници:
„Очекувам во прва линија луѓето уште еднаш да покажат дека го надминуваат стравот и дека повторно ќе дојдат кога ќе видат дека нас се‘ уште не‘ има и дека нормално работиме. Пред се‘ младите кои доаѓаат кај нас, тие се толку ангажирани, што ние немаме право сега да ги оставиме на цедило„ – порача Милинкијевич спроти демонстрациите.
Затоа тој отиде на кратко на плоштадот и ги повика таму собраните приврзаници да дојдат пред зданието на Академијата на науките, каде се собраа се‘ на се‘ околу 10.000 демонстранти. Тие бараа крај на автократскиот режим на Александер Лукашенко. Полицијата преку мегафони ги повика демонстрантите да се разотидат, бидејќи манифестацијата не е одобрена, а кога тие не го сторија тоа во акцијата беа уапсени повеќемина.
Белоруската опозиицја веќе 19 години по ред на денот на катастрофата во Чернобил се собира на политички протести. Нивната земја беше тешко погодена од нуекларната катастрофа, а околу 2 милиона луѓе и денес живеат во загрозената зона.
„Од атомското зрачење заболуваат и умираат и понатаму многу луѓе. Но, има и политички Чернобил, чија причина е белорускиот режим. Тој убива многу луѓе и ги повредува нивните права. Затоа нашите демонстрации по повод годишницата од Чернобил денеска стојат под мотото: „против атомскиот и против политичкиот Чернобил„ – порача на демонстрациите Анатолиј Лебедко, близок соработник на лидерот на опозицијата Милинкијевич. Кусо по оваа изјава, Лебедко беше уапсен.