Вол Стрит остана без здив
30 септември 2008Цело попладне Вол Стрит „не го тргна погледот“ од Вашингтон, за на крајот да добие шокантна порака – планот за спасување на банките не помина.
„Никому не му се веруваше“, вели брокерот, Теди Визбург. Ниту некои од најголемите берзански ветерани никогаш досега не доживеале ваква драма. Иако можеби не останаа без зборови, со сигурност останаа без совет како понатаму.
Дау Џонс удри на дното
Избезуменоста не настана само поради шокот што дојде од Конгресот, туку и поради падот на курсот. Со пропаѓањето на планот за спасување на банките, индексот Дау Џонс се спушти на 777.68 поени, негова најниска вредност досега. Дури ниту на 17. септември, првиот ден од повторното отворање на берзите по нападите од 11. септември, индексот не забележа толкав пад.
„Вол Стрит имаше потреба од итни берзански трансакции, исто и инвеститорите, меѓутоа ништо од сето тоа“, заклучува Стивен Месакер, аналитичар од Пасифик Грот Еквитис, по повод пропаѓањето на планот за спасување на финансискиот сектор. Таму пак, падна уште една жртва, со итното преземање на Ваховиа од страна на Сити Груп. Постојат стравувања дека блиску до колапс е и Нешнл Сити Банк од Кливленд, чии акции во понеделникот забележаа пад од 60%.
Која ќе биде следната жртва
Ќе биде тешко, прогнозира Марк Сенди, економски експерт, кој смета дека финансиската криза не го погодува само Вол Стрит. Несигурноста и намалената доверба во банките ги замрзна кредитите, што предизвикува уште поголемо продлабочување на кризата, во сите бранши на економијата. Сенди вели дека слушнал за многу фирми кои веќе се при крај со пари за кирија, плати и останати секојдневни потреби.
Според агенцијата за истражување на пазарот, Стандард енд пур Коперејшн, меѓу 160-те претпријатија, што во наредниве 12 месеци би можеле да имаат финансиски тешкотии, се компанијата што ја поседува фирмата-ќерка Јунајтед Ерлајнс, автомобилската компанија Џенерал Моторс, како и ланецот хотели и забавни паркови, Сикс Флекс и Трамп Интертејнмент Ресортс.
„Часовникот отчукува, ни‘ треба барем некакво олеснување и тоа брзо“, предупредуваат брокерите. Во спротивно, од финансиска, кризата би можела да премине во економска.