Владините трупи на Сомалија навлегоа во Могадишу
28 декември 2006Опколувањето на Могадишу од страна на трупите на сомалиската преодна влада и Етиопија веќе не можеше да се сопре, по што милициите на така неречените “Шаријатски судови” ги напуштија нивните позиции во главниот град на Сомалија. Во текот на ноќта сепак имаше нови жртви, бидеќи одново се разгоре насилството меѓу завојуваните страни. Најголемото стравување на граѓаните е дека во главниот град и областите во централна и јужна Сомалија од каде се повлекоа милициите, по укинувањето на власта од страна на шаријатските судови ќе завладее анархија.
Осман Јусуф е новинар во Могадишу и утрово вака ја опиша ситуацијата. „Граѓаните на главниот град утрово ги разбудија истрели од огнено оружје, и се најдоа во нова ситуација. Многу продавници се затворени. Многумина останаа дома бидејќи имаат страв. Шарија милициите, кои се бореа во централна и јужна Сомалија се повлекоа во градот и униформите ги заменија со цивилна облека.”
Многумина сега се прашуваа каде се повлекоа водачите на судовите, но одговор на ова прашање сеуште нема.
Во меѓувреме во Њујорк и на втората седница на Советот за безбедност за кризата во Сомалија, не се постигна согласност околу натамошните чекори. Главниот спор се води меѓу САД и Катар по прашањето дали Етиопија треба да се повлече од Сомалија. Генералниот секретар на ОН во заминување Кофи Анан ги повика страните во конфликтот во Сомалија да се вратат на преговарачка маса и притоа предупрди „Апелирам до соседните држави, да се држат понастрана од кризната област и да го почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Сомалија.”
Анан кој самиот се вклучи во преговорите меѓу државите во конфликтот, Арапската лига и Африканската унија добил уверување од претседателот на Етиопија дека станува збор за ограничена воена акција и трупите наскоро ќе се повлечат.