Буш најави лидерство во заштитата на климата
1 јуни 2007Американскиот претседател Буш досега се однесуваше тврдоглаво, но сега има намера да преземе водечка улога во битката против глобалното затоплување. Барем така најави:
„До крајот на идната година САД и други нации ќе постават долгорочна цел за намалување на издувните гасови. За да се постигне тоа ќе бидат потребни средби на нациите со највисок степен на емисии, меѓу нив и Индија и Кина„.
Точка што му е посебно важна на претседателот: непотпишувањето на протоколот од Кјото го образложуваше со фактот дека тоа не го направија ниту големите земји во развој. Буш се повика и на досегашните истражувања на климата:
„Во изминатите години науката го продлабочи нашето разбирање за промените на климата и ни отвори нови можности за решенија. САД оваа тема сериозно ја сфаќаат„.
Изјава што тој ја даде и при последната посета на канцеларката Ангела Меркел на Вашингтон, што за неа уште тогаш беше голем напредок. Буш не пропушти да ја истакне водечката улога на неговата земја:
„Со промената на климата битката најдобро се води со нови технологии и тука САД се водечки. Се наоѓаме на работ на голем пробив што ќе ни помогне во заштитата на климата„.
Средбата на 15-те најголеми грешници во светот, според неговиот план, требна да се одржи наесен годинава:
„Освен долгорочната цел, секоја нација треба самата да си постави среднорочни цели во кои ќе бидат земени предвид сопствените ресурси и идните потреби од енергија„.
Американскиот претседател нагласи дека во изминатите шест години од неговиот мандат, веќе било многу постигнато. Вложени се 12 милијарди долари во истражувањето и развојот на нови технологии, поддршка на атомската енергија, алтернативни енергии...:
„Во наредните десет години имаме намера да ги намалиме потребите од бензин за 20 проценти, што е добро не само за нашата национална безбедност, туку и за заштитата на климата. Го преземаме лидерството и тоа е мојата порака до државите од Групата 8„.