1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

D Online-Shopping

17 ноември 2009

Купувањето преку интернет бележи постојано нагорен тренд во Германија. Ниту една друга бранша нема толку големи стапки на пораст како трговијата преку интернет.

https://p.dw.com/p/KYP9
Ги купува ли во меѓувреме и Дедо Мраз подароците преку интернет?Фотографија: AP

„Зошто нарачувам преку интернет? Затоа што девет од десет работи што сакам да си ги купам се поефтини на интернет отколку во која и да е продавница. Тие работи можам да си ги купам и во сабота навечер во 11 часот. Исто така за нив не морам да барам совет на некој продавач, а и поудобно е, можам се’ да нарачам од дома...“ - објаснува 40 годишниот Германец, Роли. Тој секој месец купува по неколку работи преку интернет. При тоа важна улога игра фактот што штеди време, но исто така и што не мора да се турка по продавници - важен аргумент за повеќето мажи.

И Гералд, кој има 44 години и работи како референт во една фондација за заштита на човековата средина, порадо купува од дома, седејќи пред компјутер:

„Многу е комотно, нема потреба да одам и да гледам по продавници. Има и многу добри можности за споредба на производите со други, како и за проверка на нивниот квалитет. Има на пример многу тестови за квалитетот, кои ги нема во продавниците. А и цените се често поповолни...“

Машки и женски вкусови

Понудата на интернет е фактички неограничена. При тоа секој може сам да одлучи какви производи го интересираат, вели Катарина, која е исто така одушевена од можноста да купува преку интернет. „Во принцип станува збор за облека или козметички производи, а одвреме навреме си купувам и лекови или чевли или музички ЦД-а...“

Weihnachseinkauf in New York Toys R Us
Може и без вообичаените турканици во продавницитеФотографија: AP

Ролф има поинакви критериуми: „Најмногу книги, ЦД-а, ДВД-а, но никако чевли или пантолони, значи производи што треба да се пробаат. Освен тоа купувам и производи што ми требаат за секојдневна употреба!“

Значи Ролф купува облека сосема традиционално - во продавница. Со тоа тој не е сосема во тренд, бидејќи според статистичките податоци токму текстилните производи најчесто се нарачуваат преку интернет - дури 42% од сите продукти. Следната стапка во продажбата преку интернет ја држат музичките и филмски производи со 18 проценти.

Безбедно плаќање?

Интернетот нуди и повеќе можности што се однесува до начинот на плаќање: некои користат кредитни картички, други полномошно за плаќање од конто, трети сакаат да ја платат сметката по приемот на производот. За повеќето купувачи преку интернет најважно е начинот на плаќање да е брз и едноставен. Многумина притоа не водат многу сметка за безбедноста на нивните податоци во светската интернет мрежа: „Најважно ми е што се случува со моите податоци, какви податоци морам да дадам за да ја извршам трансакцијата. Освен тоа водам многу сметка и за тоа кој ги сноси и колкави се трошоците за испраќање на нарачниот производ. Поради сето тоа водам сметка за тоа колку ми е позната фирмата што ми нуди некој производ, колку ми влева доверба со настапот во компјутерската мрежа, дали е некоја реномирана или не“ - вели Клаудија, која е вработена во банка. Гералд си поставува поинакви приоритети: „Во принцип не гледам дали го познавам понудувачот и дали сум чул нешто за него. Купувам таму, каде што ќе ја најдам најдобрата понуда“, појаснува Гералд.

HD-DVD Spieler
На интернет има бесконечно многу ЦД-а и ДВД-аФотографија: picture-alliance/ dpa

Има и лоши искуства

Тоа што за многумина довербата во интернетот нема граници, води понекогаш кон проблеми. Студентката Керстин, на пример, ретко купува нешто преку интернет, но веќе има и лошо искуство. „Еднаш нарачав нешто и сакав да го вратам. Подоцна трговецот од кого го купив производот ми тврдеше дека пратката не ја добил и морав да го платам производот. За среќа ја имав кај себе потврдата од пошта дека сум го испратила производот назад и со тоа се спасив“, појаснува 28 годишната Кирстен.

Секако дека треба да се внимава, но интернетот сепак нуди неверојатни можности. Ролф појаснува дека тој стекнал големо искуство и во меѓувреме открил дека за некои од производите што го интересираат е дури подобро да се нарачаат во странство, отколку во сопствената земја: „Во принцип е тоа така што некои продукти, што ќе ги купам во Англија се поефтини отколку овде во Германија, иако морам да платам трошоци за испраќањето. Затоа ги купувам од англиски фирми, но исто така некои ЦД-а на пример поефтино ги добивам од САД, отколку од овде во Германија“ - објаснува Ролф.

Автор: Ања Зајлер/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска