Бугарија не го дава Вранишковски
4 јануари 2011Вранишковски беше приведен во ноември минатата година од бугарската полиција на граничниот премин Калотина, на границата со Србија, врз основа на меѓународната потерница што ја издаде ИНТЕРПОЛ, по барање на Основниот суд Битола, заради издржување затворска казна од 2,5 години за проневера на околу 250 илјади евра црковни пари. Апелацискиот суд во Софија денеска покрај одбивањето на барањето за екстрадиција ја укина и забраната на Вранишковски да ја напушти Бугарија, како и мерката домашен притвор. Решението на судот во Софија е конечно.
Митрополитот на Повардарската епархија на МПЦ, Агатангел, во меѓувреме оцени дека одлуката на софискиот Апелационен суд да не го испорача Вранишковски не е удар само за Македонската Православна Црква, туку тоа е голем удар на македонската држава.
„Со оваа одлука Бугарија, иако е членка на Европската унија, самата ги крши правата, а не‘ осудува нас“ , истакна митрополитот Агатангел.
Македонскиот министер за правда Михајло Маневски пак изјави дека нема да ја коментира одлуката на судот од Софија се‘ додека не добие официјално известување.
Автор: СН/ЖА/миа/макфакс
Редактор: Жана Ацеска