1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бодликава жица“ пред македонскиот јазик?

22 октомври 2020

Единствената причина поради која Бугарија го блокирала македонскиот Договор со Фронтекс, бил македонскиот јазик.

https://p.dw.com/p/3kGXt
Stacheldrahtzaun an der Grenze zwischen Türkei und Bulgarien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тешко е да се поверува дека при операциите за справување со нелегалната миграција во граничните региони на ЕУ, на знакот „стоп“ или на бодликава жица нема да наидат само мигранти, туку - и македонскиот јазик! Темата добива видливост непосредно пред редовниот годишен министерски состанок помеѓу ЕУ и Западен Балкан, кој преку видео конференција ќе се одржи денеска, со учество на еврокомесарите за правда и за внатрешни работи, Дидие Рејндерс и Илва Јохансон. Состанокот се смета за исклучително важен во однос на миграциските прашања, ако се има предвид дека рутата на Западен Балкан беше главна влезна точка за повеќе од 1 милион мигранти во 2015 година. Северна Македонија и Србија на почетокот беа важна алка во синџирот, додека Црна Гора стана дел од мигрантскиот пат малку подоцна.  

Спор го кочи потписот

Со цел европската гранична служба Фронтекс да може да спроведува заеднички операции и да распореди нејзини тимови во граничните региони на ЕУ за справување со прекуграничен криминал, илегална миграција, ненадејни промени во миграциските текови, како и да обезбеди техничка и оперативна помош за националните гранични сили, беа подготвени договори за соработка на ЕУ со сите земји од Западен Балкан.

Повеќе:

Софија: Северна Македонија да престане да се претставува како жртва во Брисел

Каракачанов, „вентилаторот“ и црвените атоми

Бугарија ја зајакна посебноста на Македонците

Спор со Бугарија: Не сте тоа што мислите дека сте

Македонската информативна агенција МИА завчера објави дека Северна Македонија „не може да го финализира договорот со Европската Унија за гранично управување, поради билатералниот спор со Бугарија“ и пренесе изјава на еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, дека таа работи на случајот.

„Се надевам дека ќе го склучиме договорот за Фронтекс со Северна Македонија што е можно побрзо. Го отворив ова прашање со премиерот на Бугарија за да можеме да напредуваме затоа што е многу важно“, изјави Јохансон за МИА.

Сепак, конкретни детали за „спорот“ не беа соопштени. 

Мигрантите најдоа нов премин преку балканската рута

Јазикот е во прашање

Каква пречка точно се крие зад фразата „поради билатералниот спор со Бугарија", откриваат медиуми во соседството. Бугарски „Дневник“ испратил прашање до Европската комисија, и добил одговор дека „билатералниот спор на Бугарија поради споменувањето на македонскиот јазик е навистина единствената преостаната пречка за потпишување на договорот“.

Портпролката на ЕК потврдила дека Бугарија е единствената  земја што го блокира потпишувањето на договор за управување со границите помеѓу Северна Македонија и европската служба Фронтекс, а проблемот е во начинот на кој југозападниот сосед го означува својот јазик.

Весникот потсетува дека ова е втора тема за која Бугарија става пречка за Северна Македонија на европско ниво. Првата е за почетокот на преговорите со ЕУ, поврзан со напредокот за прашања од историјата.

„Во рамковната позиција на Бугарија усвоена за разговори со Северна Македонија минатата година, се бара земјата да се воздржи од употреба на терминот „македонски јазик“, кој Софија не го признава (...) Иако ставот на Бугарија за македонскиот јазик е познат и непроменет со години, сепак тоа не е дел од договорот. Во последниве денови, властите во Северна Македонија користеа разни прилики за да нагласат дека одрекувањето од термини како што се ‘македонски народ' и ‘македонски јазик' е невозможно“, пишува „Дневник“.

Договорот чека повеќе од две години

Македонската Влада во јуни 2018 година го усвои текстот на Договорот со Европската унија, со кој се регулира статусот на пограничните служби и соработката со европските погранични органи – Фронтекс. И додека поради бугарско противење повеќе од две години се чека тој да биде финализиран, вакви договори веќе се склучени со Србија и Црна Гора, а со Албанија е во сила од мај 2019 година, кога Фронтекс ја спроведе својата прва заедничка операција на територијата на земја што не е членка на ЕУ. На сличен документ се работи со Босна и Херцеговина, по што Фронтекс би имал гранични договори со сите земји по должината од рутата на Западен Балкан.