1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот е комплициран, Трамп е опасен

Бернд Ригерт
18 мај 2018

Во приближувањето на Балканот кон ЕУ владее рутина. И бидејќи тука немаше ништо за што треба да се одлучува, лидерите на ЕУ во Софија можеа во целост да му се посветат на Трамп. За жал, тоа навистина беше неопходно.

https://p.dw.com/p/2xv1W
Bulgarien EU-Balkan-Gipfel in Sofia | Kulturpalast
Фотографија: Getty Images/AFP/L. Marin

На Балканот ништо ново. И затоа резултатот од овој самит на Европската унија и шесте земји кандидати може кусо да се резимира: ЕУ ветува дека шесте држави еднаш ќе бидат примени во клубот на благосостојба и стабилност, а кандидатите ветуваат дека ќе сторат сѐ што е потребно за да ги исполнат строгите правила на тој клуб. Тоа е така веќе 15 години, од самитот во Солун во 2003 година, и ќе продолжи уште десет години, барем за најслабите членови во редот за ЕУ, односно Косово и Босна и Херцеговина.

Во повеќето стари членки на ЕУ, желбата за прифаќање на нови држави, а со тоа и нови проблеми е прилично мала. Францускиот претседател Емануел Макрон, новата ѕвезда на Унијата го сумираше тоа на следниов начин: пред ЕУ да прими нови членки, мора да ги реши сопствените проблеми, односно да ги имплементира неговите реформски предлози. Шпанија исто така крева кочница и сака прием на нови членки само ако статусот на Косово се дефинира, за бунтовните каталонци да не можат да го искористат признавањето на Косово за држава како пример против Мадрид. Тоа е комплицирано и ќе трае долго. 

Повеќе:

-ЕУ: Шест нови иницијативи за трансформација на Западен Балкан

-ЕУ сака да се бори за договорот со Иран

-Самит во Софија: Западниот Балкан во сенка на Иран

Поради тоа земјите-кандидати ќе мора и натаму да вложуваат напори и да бидат трпеливи. ЕУ сѐ уште им е привлечна - поради финансиската помош и политичката солидарност. Но Русија и Кина се подготвени да влетаат, доколку во Србија, БиХ, Македонија или Албанија попушти воодушевувањето од ЕУ. 

Длабоки пукнатини во атлантското партнерство

Со оглед на тоа дека Балканот во моментов не крие никакви изненадувања, ЕУ можеше да се концентрира на својот нов „непријател“- американскиот претседател Доналд Трамп.

Лидерите на Унијата никогаш толку жестоко не го критикувале актуелниот претседател на САД, главната сила во НАТО. Неговата политика е неразбирлива и погрешна, авантуристичка и целосно несолидарна. На Ангела Меркел, Емануел Макрон, Тереза Меј и на останатите тоа им е одамна јасно. Сега тоа и јавно го кажаа и се договараат за контрамерки. Можностите на ЕУ да се бори против американската економска сила се скромни, но сега би требало да бидат искористени. Зашто постојат граници, дури и кога станува збор за поранешни пријатели - тоа беше јасната и решителна порака од Софија.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на коментарот

Но прашање е дали вака накострешената ЕУ ќе оставин каков било впечаток врз алфа-мажјакот во Белата куќа. Без никаков обѕир кон сојузниците во Европа американскиот претседател го торпедираше договорот за климата, распламте оган на Блискиот Исток, воведе царини и го поништи нуклеарниот договор со Иран. Неизвесно е дали ЕУ може да ги избегне заканувачките царини од САД на челик и алуминиум и санкциите против европските компании кои работат во Иран. Едно е јасно - ќе биде скало и многу тешко да се одржат економски врски со Иран, особено ако погодените компании, како Тотал, Маерск и Сименс, одлучат да ја следат политиката на САД, а не на ЕУ, односно да играат на сигурно за да имаат непречен пристап до американскиот пазар.

За Европската унија би било добро ако не ја забие главата в песок и ако организира барем малку отпор против Белата куќа. Европејците одеднаш се најдоа во сојузи со Русија, Кина и Иран, а против својот голем атлантски брат. Тоа пред Трамп беше незамисливо.

Состанокот на претседателот на САД и непослушните Европејци во јули на самитот на НАТО во Брисел би требало да биде занимлив. Европските држави би требало да бидат подготвени на тоа дека САД ќе се заканат со повлекување од НАТО и дека ќе испорачаат еден вид сметка за нивниот придонес како нуклеарна сила. Европа мора да порасне и тоа многу бргу. Првиот чекор е направен во Софија.

Инаку САД и ЕУ пред 20 години работеа заедно за да ѝ стават крај на граѓанската војна и да воспостават мир на Балканот. Денес тоа е речиси незамисливо. Ете толку се променија времињата.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија