Бакојани со пораки до Македонија
14 февруари 2008Шефицата на грчката дипломатија, Дора Бакојани, од Вашингтон уште еднаш се закани – Македонија не може да се надева на прием во НАТО доколку не прифати компромисно решение за името. Говорејќи во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, Бакојани рече дека од договорот за името не зависи само приемот на Македонија во НАТО, туку и во ЕУ:
„За Скопје има само еден пат до НАТО и до ЕУ, а тоа е почитување на принципот на добрососедски односи, што вклучува и заемно прифатливо решение за името. Сојузништвата и партнерствата можат да постојат меѓу земји само ако постои меѓусебна доверба и добри односи“, рече Бакојани.
Според грчката министерка, прашањето за името е прашање на регионална стабилност на Балканот. Таа рече дека Македонија е голем географски регион, од кој поголемиот дел - 50% и‘ припаѓа на Грција, а 2,5 милиони Грци се сметаат за Македонци. Грците сметаат дека нивниот идентите е нападнат од „националистичката и анахрона политика на Скопје, кои се обидуваат да ни‘ го украдат и монополизираат идентитетот, употребувајќи речник од 19 век“, тврди Бакојани.
Предвид доаѓа само сложено име
Таа потврди дека за Грција е прифатливо само сложено име, кое ќе го вклучува и географскиот термин Македонија, но ќе направи и разлика меѓу двете земји: „Не го гледаме ФИРОМ како непријател на Грција, туку како земја која се обидува да ја изгради својата европска иднина во регион кој историски е полн со проблеми. Затоа и чувствуваме одговорност кон ФИРОМ. Тие се наши соседи, тие се нова демократија, мора да изградат мултиетничка демократија и тие се земја за чија стабилност исто така се чувствуваме одговорни.“
Бакојани им упати и порака на македонскиот премиер, Никол Груевски и на шефот на дипломатијата Антонио Милошоски: „Ние не бараме од министерот Милошоски и од премиерот Груевски да интерпретираат што значи НАТО. Ние знаеме што значи НАТО, туку од нив бараме да се придржуваат до сопствените обврски и со посредништво на ОН да бараат решение за името со Грција.“