1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анти-Путин блогерот Навални пред суд

АТ/ дв/ афп/ дпа/ апе 31 јули 2012

По панк бендот „Пуси Рајот“ се чини дека Кремљ сака да острани уште еден критичар на режимот. Блогерот и водач на опозицијата Алексај Навални е обвинет поради проневера на државни пари.

https://p.dw.com/p/15hEl
Фотографија: Reuters

Станува спор за прекршок „во голем стил“, соопштија истражните органи во Москва. Поради натамошна истрага блогерот и водач на опозицијата Алексај Новални не смее да го напушти рускиот главен град. Доколку биде осуден, му се заканува затворска казна до десет години. По термиот во судот, Навални се произнесе дека обвинувањата се „целосно апсурдни“.

Познатиот водач на опозицијата се обвинува дека меѓу април и август 2009 година го оштетил државното дрвно претпријатие Кировлес за околу 1,3 милиони рубљи (речиси 33.000 евра). Тогаш тој бил советник на гувернерот на регионот Киров, кој се наоѓа на околу 900 километри источно од Москва. 

Навални е еден од најпознатите критичари на претседателот Владимир Путин и се смета за еден од најважните организатори на демонстрациите против третиот мандат на Путин.

Опозицијата во Русија која е под се’ поголем притисок го обвинува правосудниот систем во земјата дека сака да ги оневозможи оние кои имаат поинакво политичко мислење.

Откако Владимир Путин по третпат стапи на претседателската функција, меѓу другото, се заостија правата за демонстрации и се отежнаа работните услови на невладините организации. Освен ова во сила стапи закон, кој според гледиштето на опозицијата овозможува цензура на интернет, а од страна на владејачката партија Обединета Русија беше образложен како заштита на младите.