1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шпионот во Даночната управа е осуден на условна казна

Фолкер Вагенер
9 ноември 2017

Ретко една дилетантско-бизарна шпионажа привлекува толкаво внимание: швајцарски агент требало да стопира продажба на ЦД-а со податоци од германски даночни обврзници на германските власти. Фарса која заврши со осуда.

https://p.dw.com/p/2nLWp
Deutschland Frankfurt Prozess gegen Schweizer wegen Spionage-Vorwurf
Даниел М. (десно) во судот во Франкфурт (18.10.2017)Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Arnold

Швајцарецот Даниел М. денеска во Франкфурт е осуден на условна казна во траење од 1 година и 10 месеци. Судот смета дека е докажана вината на Даниел М., кој ќе треба да плати ипарична казна од 25.000 евра. Швајцарецот призна дека за швајцарскататајна служба ги обезбедил личните податоци од тројца даночни иследници од германската покраина Северна Рајна Вестфалија, кои учествувале во купувањето на т.н. даночни ЦД-а во Швајцарија. Признанието беше дел од договорот за казната. Обвинителството бараше условна казна од две години 

„Смотаниот“ агент

Даниел М. Ќе остане забележан како мала фуснота во аналите на големите шпионски приказни. Ништо повеќе. Бидејќи бил „смотан“ агент. Во неговата кратка кариера бил на две задачи, и двапати бил уапсен. Единствен „успех“ му е тоа што поради неговите активности привремено се затегнале швајцарско-германските односи.

Во случајот кој би можел да биде добар материјал за филмска пародија за шпионажа се работи за најдобро чуваното швајцарско богатство: банкарските тајни. Долгогодишниот министер за финансии на германската покраина Северна Рајна Весфалија, Норберт Валтер Борјанс од СПД, си зададе тешка задача да ја разоткрие. Барем за случаите на Германци кои своето големо богатство го сокриле на швајцарски сметки, далеку од очите на германските даночни власти.

„Новабо“, како што го нарекуваат Норберт Валтер Борјанс во Диселдорф, се прослави како „Робин Худ за даночните обврзници" некаде до 2010 година, кога во годините коишто следеа даде милионски суми за да се откупат вкупно 11 ЦД-а со податоци за даночни обврзнци со сметки во Швајцарија. Но, тоа беше трошок што се исплатеше. Бидејќи се пријави цела армија на затајувачи на данок чии податоци воопшто и не биле на цедеата. Огромен број милионери сами се пријавија. Забари и шефови на управни одбори одеднаш станаа подготвени доброволно да си платат данок којшто со години го затајувале. И тоа сѐ поради Даниел М.

Deutschland Frankfurt Prozess gegen Schweizer wegen Spionage-Vorwurf
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Arnold

Прв чин: Случајност во фитнес студиото „Банана“

Приказната почнува пред 10 години. Даниел М., всушност вработен во банката Кредит Свис кој е сега обвинет како шпион, една вечер во 2007 година по работа оди на фитнес во студиото „Банана“ во Цирих. Со себе носи актовка во која има „чуствителни“ документи: рачно напишани белешки за германските клиенти во неговата банка. Но, торбата со интересните и тајни податоци ја заборава во фитнес студиото. Ја пронаоѓа еден колега и оттогаш знае што се наоѓа во неа. И двајцата решаваат од тоа да направат „бизнис“. Апсењето на шефот на германската пошта Клаус Цумвинкел во февруари 2008 година само дополнително ги инспирира. Нивната проценка е дека ако германското правосудство се интересира за овој познат Германец кој илегално си ги ставил своите милиони во Лихтенштајн за да избегне оданочување, тогаш германските власти сигурно ќе ги интересираат и адресите на германските даночни затајувачи кои ги кријат парите во Швајцарија. И навистина. Даночната управа на Северна Рајна Вестфалија за тие податоци им исплати 2.5 милиони евра. Тоа беше првото ЦД со вакви податоци кои германските власти го добија од Швајцарија.

Втор чин: Даниел М. станува швајцарски шпион

Оваа аматерска акција е бргу откриена. Кога циришката полиција ќе открие голема сума пари на сметка на обичен банкарски службеник, две работи се јасни: кој ги продал податоците и кој го нарачал ЦД-то, односно министерот за финансиии на Северна Рајна Вестфалија. Даниел М. е осуден на 24 месеци условно во Швајцарија. За неговиот соучесник сонот за брзо богатење завршува трагично – тој се обеси во затворската ќелија. Но, за швајцарските власти случајот не е завршен со ова. Тие сакаат да стасаат до купувачот на ЦД-ата, бидејќи кражбата на ваквите податоци од нивен аспект е предавство. А тие знаат кој стои за тоа: сега веќе пензионираниот управник на финансиската управа на Северна Рајна Вестфалија, Петер Бекхоф. Тој стоеше зад успешната акција на „ловење“ на даночните пари на германските даночни власти и тој е своевидна легенда во својата бранша. Никогаш не сфати зошто банкарската тајна во Швајцарија ја сметаат за некаков вид човеково право. Швајцарците пак на неговиот „упад“ во тајниот банкарски свет на Швајцарија гледаат како економска шпионажа. Швајцарската тајна служба НДБ сега сака да му стави крај на Бекхоф. Дури и да го види зад решетки. Во 2012 е издаден налог за негово апсење, а Даниел М. требало да им помогне во тоа.

Spionage
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Трет чин: Операција „коцка мраз“ - Вернер Маус Новабо

Дали Даниел М. ѝ ги понудил своите услуги на швајцарската служба за разузнавање НДБ или пак тие го врбувале - не се знае. Но, сигурно е дека Даниел М. почнал да работи за швајцарската тајна служба. Притоа сигурно во прилог му одел фактот дека пред да се вработи во банката 16 години работел во циришката полиција, а потоа основал и своја фирма за обезбедување. Неговата задача била да го најде „кртот“ во даночната управа на покраината Северна Рајна Вестфалија. Нејасно е што требало да им испорача на Швајцарците за да го спречи лиферувањето на податоците, или барем да го одложи.

Целата работа станува вистински трилер кога во неа се вклучува уште еден германски агент, кој меѓу другото самиот има извршено даночни прекршоци и е пред суд.

Поранешниот познат професионален германски агент Вернер Маус, кој денес има 77 години и самиот бил даночен грешник чии податоци под лажно име се наоѓаат на едно од ЦД-та, па воден од личниот интерес се јавил во швајцарската банка УСБ и пријавил дека познава човек кој им ги продава тајните податоци за клиентите.

Тоа пак ја алармираше швајцарската полиција која покрена акција под името „Коцка мраз" и во која во еден момент 50 службеници го гонеа шпионскиот аматер Дание, кој Маус го претставил како главниот човек на една криминална организација. За тоа време, пензионираниот германски агент, како вклучен во истрагата, добил увид во сите документи и доказни материјали на полицијата и им ги предал во германското јавно обвинителство во рамките на постапката што се води за затајуваење на данок против него. По ова беше јасно дека Даниел М. ќе биде уапсен по втор пат но, овојпат од страна на германската полиција. Беше уапсн во април, и тука завршува кариерата на еден шпионски аматер кој предизвика една меѓудржавна афера меѓу Швајцарија и Германија.

Даниел М. , или како што весникот Зиддојче цајтунг го нарече - „Агентот дупла нула“, по денешната пресуда ќе продолжи да работи како приватен иследник во Швајцарија. Шпионската акција веќе не е возможна. Швајцарските банки во меѓувреме прифаќаат само германски клиенти со регулиран даночен статус. Од јануари 2018 година германските даночни власти ќе добиваат податоци за Германци со швајцарски сметки, бесплатно и автоматски.