1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема мир за затајувачите на данок

Клаус Дојзе/ЗЈ14 август 2015

Само обвинителството во Бохум поведе преку 6.000 постапки поради затајување на данок. Во државната каса се слеаја околу една милијарда евра. А допрва претстојат постапки за повеќе од 600 крупни случаи.

https://p.dw.com/p/1GB4X
Фотографија: Fotolia/Bobo

Засегнатите околу 600 лица се веќе информирани дека се под лупата на иследниците. Тие би требало и да се свесни дека им се заканува затворска казна, како во случајот со Ули Хенес, фудбалски менаџер и поранешен претседател на Бајерн, кој издржува казна од триипол години затвор.

За германските даночни власти во секој случај се исплати што државата во изминатите години повеќепати купи од Швајцарија, Луксембург и Лихтенштајн ЦД-а со украдени банкарски податоци за даночни грешници.

Само од обвинителството во Бохум наложените плаќања како услов за запирање на постапката против даночни грешници досега во државната каса донесоа 70 милиони евра. Висината е во зависност од износот на затаениот данок и може да изнесува до двојно повеќе од сумата што ионака треба да се плати за избегнатиот данок, плус камати.

ЦД-ата донесоа една милијарда евра

Во државната каса дополнително се слеаја уште многу милиони евра. Три банки од Лихтенштајн, Луксембург и Швајцарија платија парични казни од преку 350 милиони оти било докажано дека нивни соработници им помагале на германски граѓани за затајување данок. Против тие соработници, според зборовите на државниот обвинител Тимо Дерфер, биле водени посебни постапки, кои се запрени по плаќањето на сума што им ја наложило обвинителството.

Uli Hoeneß ARCHIV Mai 2014
Ули Хенес беше осуден на 3,5 години затвор поради затајување данок во 2014.Фотографија: picture-alliance/dpa/Sven Hoppe

Но, државата веројатно ќе прибере уште повеќе пари, оти допрва претстојат постапки за повеќе од 600 крупни случаи. Не треба да се заборави ни идниот доток на пари од даноци, што грешниците, со префрлувањето на парите во странство, сакале да ги зачуваат за себе. Според досегашната состојба на работите, вкупната сума на затаен данок тендира кон милијарда евра.

Рекорден број на самопријавувања

Многубројни постапки против затајувачи на данок обвинителите од Бохум им препуштија на колегите од други германски покраини, за таму да бидат одмерени парични казни или да бидат подигнати обвиненија. „Многу постапки се упатени во Баден-Виртемберг, но и во Баварија. Во Баден-Виртемберг многумина, поради просторната близина до Швајцарија, таму ги вложиле своите пари. А во Баварија, посебно во регионот на Минхен, живеат голем број богати луѓе“, објаснува обвинителот Дерфер.

Стравот од кривичен прогон придонесе бројката на самопријавени даночни грешници до крајот на минатата година да порасне до преку 40 илјади луѓе - 60 проценти повеќе отколку една година пред тоа. Финансиските власти на Баден-Виртемберг регистрираа преку 9.000 случаи на самопријавување, а во Северна Рајна Вестфалија, покраина со најголем број жители во Германија, повеќе од 7.100.

Но, во многу случаи тој задоцнет обид нема да помогне. Државните обвинители од Бохум консеквентно ги обработуваат доказливите кршења на законите. Тимо Дерфер, имајќи ја предвид сегашната состојба во истрагата, проценува дека обвинителите ќе имаат „многу работа уште еднаипол година“. За даночните грешници уште долго ќе нема мир.