1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шлаканица за Украина

Бернд Јохан/ превод: З. Јордановски5 ноември 2015

Во Одеса пред еднаипол година загинаа 48 луѓе. Настаните до денес не се расветлени. Властите потфрлија. Но, тоа не е единствена причина за незадоволувачката обработка на случајот, смета Бернд Јохан.

https://p.dw.com/p/1H0Qb
Фотографија: DW/M. Bushuev

Тоа е жешка шлаканица за властите во Одеса, но се однесува и на Државното обвинителство и на Министерството за внатрешни работи на Украина, оти тие ја водеа истрагата. Пораката на групата експерти на Советот на Европа е јасна и недвосмислена: украинските власти целосно потфрлија при расветлувањето на смртоносните истрели и опустошувачкиот пожар во зградата на синдикатот за време на уличните борби во Одеса на 2. мај 2014 година.

Тие тогаш истрагата ја воделе неефикасно и со големо задоцнување. Постапката не била соодветна на Европската конвенција за човекови права. Со тоа и’ било наштетено на довербата во правниот систем на Украина. Трагедијата оставила „болни лузни во општеството“ - тоа е резултатот на извештајот.

Критика на полицијата и правосудството

Така независните експерти многу јасно покажуваат колку е уште Украина далеку од правна држава, а со тоа и од европските вредности. Тие потсетуваат дека истрагата и постапката против претпоставените сторители завршија во празно. Поради тоа семејствата на жртвите до денес ја чекаат правдата. И, понатаму останува простор за шпекулации и теории на заговор, кои по ова прашање и натаму не му даваат мир на градот.

Johann Bernd Kommentarbild App
Бернд Јохан

Значителна одговорност за тогашното насилство паѓа врз полицијата. Таа не интервенираше откако ескалираа насилните судири во Одеса меѓу приврзаниците и противниците на новата влада по промената на власта во Киев. Но, никој од тогашното раководство на полицијата не беше повикан на одговорност пред суд.

Потфрлување и во политиката

Ужасната смрт на проруските демонстранти во подметнатиот пожар во зградата на синдикатот тогаш им даде не само на сепаратистите во Источна Украина, туку и на Москва аргумент за тврдењето дека украински националисти вршеле прогон на оние кои не мислат како нив. Токму и од таа причина Украина би требала да има политички интерес за обработка на настаните од Одеса. Но, ништо од тоа!

Посебна тежина поради тоа има прекорот во извештајот на експертската група на Советот на Европа за заземање страна и недоволна независност на иследниците. Странските правници не наведуваат имиња на одговорните. Но, јасно е дека се мисли не само на локалните политичари од Одеса, туку и на министрите во Киев надлежни за безбедноста и правосудството во Украина. Тие би морале да се погрижат за одвивање на обработката на трагедијата.

Само благодарение на разумната реакција на луѓето во Одеса тогаш ситуацијата по пожарот не избега од контрола. За разлика од Источна Украина, во пристанишниот град на брегот на Црно Море можеше да биде спречена ескалација на проруски сепаратизам. Но, политиката и правосудството во Украина мора и натаму да се соочуват со прашањето зошто се одолговлекува и вистински блокира расветлувањето на пожарот.