1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чувајте ладна глава, ве молам!

Марсел Фирстенау/ превод: Ж.А.29 ноември 2015

Во Франција владее вонредна состојба по атентатите во Париз. Напнатост се чувствува и во Германија. Марсел Фирстенау апелира до политиката, општеството и медиумите да реагираат порационално.

https://p.dw.com/p/1HBqT
Фотографија: Reuters/F. Bensch

„Ситуацијата е сериозна, но нема причина за паника“, ова е реченицата со која германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие се обрати вечерта откако од безбедносни причини беше откажан фудбалскиот натпревар меѓу Германија и Холандија во Хановер. Зборовите требаше да дејствуваат смирувачки и соодветствуваа на Де Мезие, кој долго беше синоним за присебен и одмерен политичар. Но, христијанскиот демократ самиот си го оштети својот имиџ со смелите настапи во емоционално зовриената дебата околу бегалците. А своите воздржани изјави по варварските атентати во Париз, Де Мезие ги обезвредни за жал со други, многу збунувачки забелешки.

Обид за смирување, кој предизвика вознемиреност

Германскиот министер не сакаше да зборува за причините за краткорочното откажување на фудбалскиот натпревар за да не предизвика „несигурност“ кај нацијата. Разбирливо, тој притоа го предизвика токму спротивното и пожнеа многу критики. Приземното подбивање во социјалните мрежи и надмените лекции во некои редакции често се само евтин рефлекс: потекнуваат од луѓе кои, за разлика од Томас де Мезие, не мораат да носат одлуки со далекусежни последици. Сојузниот министер сноси политичка одговорност за безбедноста на земјата. Според функцијата, тој е надлежен за различни области, од спорт до заштита на уставноста. На неговите плеќи моментно министерот чувствува енормно висок притисок. Неговите критичари треба и тоа да го имаат предвид. Сепак, важи дека министерот и натаму треба да предничи со добар пример и да се грижи да не дојде до иритации.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Марсел ФирстенауФотографија: DW/S. Eichberg

Но, поголема претпазливост и чувствителност треба да покажат и медиумите. Со оглед на трагедијата, логично и адекватно е тоа што атентатите од пред една недела се доминирачка тема. Меѓутоа, некои фасети во известувањето и коментарите тераат на размислување: на пример, постојано присутната фотографија на осомничениот организатор на париските атентати, кој насмеан гледа во камерата. Се разбира ненамерно, тоа изгледа како подбивање со жртвите, нивните најблиски и целиот западен свет. Ако навистина нема други фотографии, повремено единствено достапните потекнуваат од пропагандните видеа на злосторниците, тогаш нивната употреба би требало барем да биде прифатливо оправдана.

Повеќе прашања отколку одговори

Неодмерените изјави на политичарите и заплашувачките наслови во медиумите се една од причините за разбирливата несигурност кај делови од населението. Кога германскиот најголем булеварски весник по откажувањето на фудбалскиот натпревар цитира од наводен таен извештај на Службата за заштита на уставноста, тоа предизвикува максимално внимание. Кога ваквите и слични информации владата ниту ги потврдува ниту ги демантира, кај граѓаните расте несигурноста. Во меѓувреме јавно се шпекулира дали навистина воопшто постоеле конкретни докази за планирани напади во Хановер. Медиумските експерти за терор се повикуваат на анонимни извори од безбедносни кругови. Јавноста, жедна за објаснување, не знае кому да верува. Тоа не води кон раст на довербата.

Стравовите и загриженоста на луѓето треба да бидат сериозно сфатени, зашто имаат реална основа: стравичните напади во Париз. Но, дали тоа оправдува воздржување од планирана посета на зградата на Бундестагот во Берлин, како што прават многумина? Или да се повлечат учениците од школски екскурзии низ Франција? Некои реакции изгледаат вистински претерани или дури и хистерични. Малку повеќе опуштеност добро би им дошла на сите засегнати. Не е потребно предизвикување на судбината. Откажувањето на фудбалскиот натпревар во моментот непосредно по нападите и при непрегледна состојба во истрагата е разбирливо и покрај сите прашалници. Но, во меѓувреме службите знаат значително повеќе околу заднината и можат да вршат подобра проценка на потенцијалната безбедносна загрозеност. Фазата на нервозни, па дури и непромислени реакции треба да е завршена. Сега за сите би требало да важи следното: да се зачуваат ладни глави или на француски: Contenance!