1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија не сака да стои настрана

Нина Веркхојзер / превод: ЕМФ27 ноември 2015

Бундесверот ќе учествува во борбата против терористичката милиција ИД. Со тоа Германија покажува солидарност со Франција, но воено останува во втор план. Коментар на Нина Веркхојзер.

https://p.dw.com/p/1HDIu
Фотографија: Bundeswehr

Терористичките напади во Франција променија се‘. Тие ја погодија Европа во сржта и сега Европа го возвраќа ударот. И тоа со сета сила. Борбата против терористичката милиција „Исламска држава“ може да се добие само со воени средства, рече Ангела Меркел во средата во Бундестагот. Реченицата привлекува внимание. Германија досега се стеснуваше од директен воен судир со ИД и наместо тоа им даваше поддршка на курдските пешмерга-борци во северен Ирак. Тоа можеби беше од помош, но не беше нешто зад што Германија ќе можеше да се крие и по нападите во Париз.

Промената се случи на категоричното барање на францускиот претседател Оланд - Германија да стори нешто повеќе. Канцеларката не остави простор за долго молење. Така погледнато, таа докажа вистинска солидарност со тешко погодениот пријател Франција. Зарем германската влада не нагласува постојано дека во време на големи кризи не сака да стои настрана? Оваа реченици не важи исклучиво само за армијата, но ја вклучува и нејзе.

Така сега Бундесверот ќе го даде својот придонес во борбата против терористичката милиција. Тоа е разбирливо, зашто станува збор за веродостојноста на Германија. Но тоа е и изненадување. Досега се‘ изгледаше како со планираното проширување на мисијата во Мали да е најдено поволно решение за Бундесверот да го дава својот придонес далеку од Сирија.

Werkhäuser Nina Kommentarbild App PROVISORISCH
Нина Веркхојзер, автор на коментарот

Германската влада по итна постапка сега отвори цел пакет мерки за воена поддршка за анти-ИД алијансата: торнадо авиони за набљудување, фрегата за заштита на француските носачи на авиони, полнење гориво во тек на лет. Пакет мерки избрани внимателно. Тој би требало да ги задоволи очекувањата на сојузниците на Германија, но во никој случај да не експедира германски војници на првата линија на фронтот во една грозоморна граѓанска војна. Заштита, набљудување, логистика - во тоа германската армија е добра. Копнени трупи или воздушни напади врз упориштата на ИД - исклучено.

Така оваа планирана мисија е понуда која Франција ја прима со благодарност, а која не е преголем залак за Бундесверот. Со тоа Германија покажува солидарност, но се доведува и во една опасна дилема: без армија ИД нема да може да се победи. Но, колку е поголем воениот притисок, толку поголема е опасноста од одмазднички терористички напади. Вклучително и во Германија.