1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарската ограда е готова

Е.М. Фиданоска / дпа/бета30 август 2015

Десетиците илјади бегалци кои во Европа доаѓаат со надеж за подобар живот, од вчеравечер се соочени со уште една пречка - Унгарија ја заврши оградата.

https://p.dw.com/p/1GO0W
Фотографија: DW/N. Rujević

Унгарија се огради. Контроверзната ограда долж границата со Србија е завршена. „Првиот дел од оградата е завршен два дена пред рокот предвиден за 31 август“, јави унгарската државна агенција МТИ повикувајќи се на информации од Министерството за одбрана. Унгарските војници почнаа со изградба на оградата на 3 август. Деснокoнзервативната влада во Будимпешта се надева дека на тој начин ќе доаѓаат помалку бегалци. Унгарската влада пред два дена го претстави нацрт законот кој предвидува построги казни за илегално преминување на границата, вклучително и затвор од три години за секој мигрант фатен како ја преминува границата со Србија. За нацрт законот, кој опфаќа 13 мерки во борбата против приливот на бегалци во Унгарија, треба да се расправа во неделава што доаѓа. Доколку биде прифатен, тој би стапил во сила на 15 септември.

Во Унгарија годинава преку Балканот стигнаа повеќе од 100.000 бегалци, главно од воени зонои како Срија, Ирак и Авганистан. Речиси сите мигранти поднесуваат барање за азил во Унгарија, но се обидуваат да стигнат до побогатите земји од ЕУ, како Германија, Шведска или Велика Британија.

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер изрази загриженост. „Ниту Средоземјето ниту нови ѕидови, како во Унгарија, можат да ги задржат очајните луѓе“, напиша тој за весникот „Велт ам Зонтаг“. „Не смееме да се обидуваме да ја спречуваме оваа миграција во и кон Европа со нови железни завеси. Наместо тоа, мора да управуваме со тековите, мора да интегрираме и да создаваме перспективи во земјите од каде доаѓаат бегалците.“

Министрите за внатрешни работи на Германија, Франција и Велика Британија се залагаат за големи приемни центри за регистрација на бегалци во Италија и Грција. Тие би требало да почнат да функционираат до крајот на годината, изјави германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие вчера во Париз, по средбата со своите колеги Бернар Казнев и Тереза Меј. Во ваквите центри би требало да се направи и првична проценка дали лицата имаат потреба од заштита или не. Во спротивно, тие ќе бидат враќани во државите од каде што доаѓаат, гласи планот.