1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарската тврдина не е неосвоива

Немања Рујевиќ / Е.М. Фиданоска24 август 2015

Унгарската армија со забрзано темпо на границата со Србија гради ограда за да ги запре бегалците кои доаѓаат од југ. Но, препреката се чини не е ненадминлива.

https://p.dw.com/p/1GKUF
Фотографија: DW/N. Rujević

„Money, money, money“ - песната на легендарната шведска група АБА ечи од возило на унгарската армија. Војниците прават вицови и се смеат и покрај тоа што на границата со Србија, недалеку од гратчето Ашоталом имаат здодевна физичка работа. Тие треба да подигнат ограда висока четри метри - задача која е највисок приоритет на владата во Будимпешта. Столбовите се веќе поставени, сега треба да се оптегне жица и да се зацврсти. Луѓето во маскирни панталони се трудат перфектно да ја оптегнат жицата и да не остават места низ кои би можело да се помине.

Reportagereise serbisch-ungarischen Grenze Alte Ziegelfabrik in Subotica
Кој ќе ги запре бегалците?Фотографија: DW/N. Rujević

„Мигрантите ја минуваат границата по целата должина“, објаснува еден војник. Затоа „унгарскиот ѕид“ би требало да се заврши под итно, до крајот на месецов. Бодликавата жица висока еден метар е веќе поставена и е невидено остра. На едно место се закачило бебешко лигавче, оставено од бегалците кои се прекачиле преку бодликавата жица. Дали ќе бидат запрени со оградата што сега се подига? „Се надеваме“, вели војникот.

Чекајќи го „Пакистанецот“

Дваесет километри западно се собрани луѓе кои сакаат да ја тестираат унгарската ограда. Тие чекаат во стара фабрика за тули на периферијата на Суботица. Таму може да се видат графити на арапски и на други јазици - еден вид книга на гости. Со дел од графитите жестоко се напаѓа сирискиот претседател Башар ал-Асад.

Бес кој е присутен и кај Милад. „Секој во Сирија знае дека Асад убива недолжни луѓе“, вели 27-годишниот бегалец од Дамаск. „Ситуацијата кај нас е многу компликувана, насекаде има војска и милиции.“ Милад е во бегство со своите родители. Тој е информатичар и се надева дека Германија има потреба од луѓе како него. Знае точно во кој град сака да стигне - Франкфурт, зашто таму има роднини.

Reportagereise serbisch-ungarischen Grenze Alte Ziegelfabrik in Subotica
Бегалците во старата фабрика за тули во Суботица чекаат на повикФотографија: DW/N. Rujević

Милад и останатите бегалци тука знаат како да преминат преку недовршената ограда и да ги избегнат унгарските војници. Младиот Сириец срамежливо раскажува дека чека повик. „Пакистанецот“ би требало да се јави наскоро. „Тој ќе ја поткупи полицијата“, вели Милад. Мистериозниот шверцер е наводно „отслужен бегалец“, еден од оние кои останале на унгарската граница за да заработат куп пари.

Бизнисот цути

Милад и неговите родители платиле вкупно околу 4500 евра за трансфер во Германија. Доколку успее. За мигрантите кои немаат толку пари има и поевтини понуди: за 50 или 100 евра тие на пример се водат до местата на границата каде е можно да се помине и таму се оставаат сами. Наводно само „Пакистанецот“ успева дневно да пренесе по околу 20 луѓе преку граница. Се разбира, тој не се појавува се‘ додека во фабриката за тули има новинари. Затоа дел од бегалците не‘ молат да си одиме.

Reportagereise serbisch-ungarischen Grenze Alte Ziegelfabrik in Subotica
Старата фабрика за тули е полна со графити напишани од бегалцитеФотографија: DW/N. Rujević

Од ситуацијата со бегалците не профитираат само шверцерите, туку и српските сообраќајни полицијаци. Тие се познати по тоа дека за 20 евра мито често се подготвени да ги затворат двете очи - на пример ако се вози во пијана состојба. Сега имаат откриено уште повносен бизнис. Ги запираат такси-возилата во насока на Суботица и земаат по 100 евра по глава од преплашените бегалци. „Тоа е ужасно“, вели еден таксист кој лично бил сведок на такви сцени. „Сироти луѓе одат во неизвесност и згора на се‘ измачувани се дури и од страна на овдешната полиција.“

Таксистите стравуваат дека може да бидат пријавени како шверцери на луѓе. Во таков случај им се заканува казна затвор, а веднаш им се запленува и возилото. Само годинава на ваков начин се одземени над илјада возила, пишува српскиот неделник „Време“. „Каде е логиката?“, прашува таксистот. „Овие луѓе сакаат само да стигнат до Унгарија. Зошто да не им се олесни патот?“

Добриот Самариќанец

Бегалците, меѓутоа, среќаваат и жители кои се подготвени да им помогнат. Кога Тибор Варга излегува од своето сиво камионче знаат дека им носи храна. Евангелистичкиот свештеник го препознаваат по широките рамена, брадата од три дена и неговите маскирни панталони. Уште од почетокот на Арапската пролет, веќе четири години, тој секојдневно на бегалците им носи леб, јајца и средства за хигиена. „Овие луѓе се емоционално потресени затоа што никој не се интересира за нивните проблеми“, вели Варга, кој работи за хуманитарната организација „Мисија Источна Европа“. „Понекогаш стисок на раката, широка насмевка и нежен глас помагаат повеќе од илјада евра.“

Reportagereise serbisch-ungarischen Grenze Alte Ziegelfabrik in Subotica Tibor Varga
Тибор Варга веќе четири години им помага на бегалцитеФотографија: DW/N. Rujević

За него е неразбирливо што популистите ширум Европа предупредуваат од „безбедносен ризик“ поради бегалците. „Дури и кога точно би знаел дека некој е терорист - што да правам ако тој е гладе н и жеден? Освен тоа, овде сум сретнал илјадници луѓе и досега не ме убил никој.“

Прашање на морал

Варга радо раскажува библиски приказни, како онаа за добриот Самариќанец. Околу колебањето на ЕУ во врска со приемот на бегалци тој вели: „Изгледа малку како во средниот век: кралот има тврдина, а сиромашните живеат околу. Во опасни времиња тие се обидуваат да влезат внатре и кралот мора да носи одлуки. А тоа е прашање на морал.“

Свештеникот потврдува дека унгарската ограда е тема за која зборуваат бегалците. Но тие не се плашат од малку жица. „Ако се земат предвид и другите жици ширум светот, може да се залучи дека луѓето се решени да се пробијат низ нив. Во животот биле соочени со поголеми проблеми од овој.“

Бодликавата жица досега се покажа како ефикасна против дивеч. А, ефекти чувствуваат и трговците со железарија во Суботица: нивните ножици за жица овие денови се продаваат „како алва“.