1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија-Русија: Предизвик за Западот?

22 октомври 2009

Белград и Москва во последно време стануваат се‘ поблиски, заклучуваат аналитичарите во геополитичката агенција „Стратфор“. Прашањето сега е до која мера Русија ќе го користи својот сојуз со Србија?

https://p.dw.com/p/KCgx
Србија: со ЕУ или со Русија?Фотографија: AP/DW

На Србија, во моментов изолирана на Балканот, опкружена со членки на ЕУ и на НАТО, предлогот од Русија за организирање нов систем на безбедност и‘ отвора можност да стане членка на европска безбедносна архитектура. Останува да се види колку Србија ќе се залага за таа идеја и како ќе реагира Западот на настојувањето на Русија да го поврати своето влијание во Европа.

Руската иницијатива или, како што ја нарекуваат во Европа, „идејата Медведев“, за воспоставување нов концепт за европска безбедност не е нова работа и за неа веќе е разговарано во ОБСЕ, Организацијата за европска безбедност и соработка, во рамките на т.н. „Крфски процес“.


Србија сака учество во европската безбедносна архитектура

Србија, заедно со 55 членки на ОБСЕ, беше веќе вклучена во тие разговори. Сепак, останува да се види во колкава мера Србија ќе се залага за таков систем, вели за Дојче веле Марко Папиќ, аналитичар во геополитичката агенција „Стратфор“.

„Србија од ЕУ не добива јаки сигнали за поблиска европска интеграција отколку пред девет години. Од друга страна, Белград не сака членство во НАТО и така останува изолирана. Секое друго организирање на европската безбедност можеби би и‘ отворило шанси на Србија да стане членка на европска безбедносна архитектура.“

Russlands Präsident Dmitri Medwedew und Serbiens Präsident Boris Tadic in Belgrad
Дмитри Медведев и Борис Тадиќ во БелградФотографија: AP

Каква би можела да биде улогата на Србија во новата безбедносна архитектура, тешко е да се процени, велат во „Стратфор“, зашто според нивно мислење, се‘ уште е нејасно што точно предлага Русија. Она што е јасно, тоа е проблемот што го има Русија. Со прогласувањето на независноста на Косово и таквото менување на границите во Европа, Западот на Русија директно и‘ испрати порака дека нејзините интереси веќе не се земаат во обзир. Сфаќајќи дека веќе нема начини да влијае врз европските одлуки, Русија предлага нов безбедносен систем, зашто сака да стави точка на таквиот тек на работите.

Политика која носи резултати, но и нејаснотии

Од друга страна, властите во Србија имаат ист став, според кој земјата се потпира на четири столба кога е во прашање надворешната политика: ЕУ, Русија, Кина и САД. Од аспект на сегашната позиција на Србија, тоа е добра перспектива, сметаат во „Стратфор“. Таквата политика досега имаше и свои успеси - процесот на признавање на Косово во извесна мера е запрен, а ЕУ, како одговор на рускиот кредит, и‘ даде нов зеам на Србија од 200 милиони евра.

Но, од позиција на Русија, Америка и ЕУ, таквата надворешна политика покажува не само дека Србија нема решено со кого ќе биде, туку и дека претставува отворено поле на кое Русија може да стави свој пион, вели Марио Папиќ, аналитичар во „Стратфор“:

„Перспективата на ЕУ и на САД е дека Србија мора да реши на која страна ќе оди. Самата посета на Медведев со новиот кредит од Русија и воопшто подобрувањето на односите меѓу Белград и Москва, од агол на ЕУ изгледа како Србија да се отвора и станува поле од кое Русија би можела да го шири својот интерес на Балканот.“

Автор: Марина Максимовиќ / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска