1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во „посета на помалиот брат"

22 октомври 2009

Весникот „Зидојче цајтунг“ во статијата посветена на посетата на рускиот претседател Дмитри Медведев на Белград, покрај на помпезниот пречек се осврнува и на стратешките намери на Русија поврзани со балканскиот регион.

https://p.dw.com/p/KCEU
Тадиќ и Медведев во БелградФотографија: picture alliance/dpa

Ваков одушевен дочек рускиот претседател Дмитри Медведев уште не доживеал. Музиката на стотина трубачи изведена на јавен простор требаше да означи почеток на нова ера во меѓусебните односи. Српските политичари зборуваа за историска посета, што треба да ги зацврсти врските меѓу браќата од словенско потекло. Медведев допатува со бројна стопанска делегација, а дипломати од Москва порачаа дека во иднина Србија ќе биде најважниот партнер на Русија на Балканот.

Српскиот претседател Борис Тадиќ, кој инаку се смета за прозападно ориентиран, нагласи дека приближувањето кон Русија не значи оти Србија се откажува од најважната надворешно-политичка цел, имено, приемот во ЕУ. Но, бидејќи Западот ја условува поддршката за Србија со разни отстапки, како што е на пример соработката со Хашкиот трибунал, оваа балканска земја сега создава сојузи и со Русија и со Кина. Претседателот Тадиќ веќе со месеци објаснува дека неговата надворешна политика се потпира на четири столба: ЕУ, Русија, Кина и САД. Како пример во таа насока му служи соработката на легендарниот Тито со земјите од Источниот блок, со Западот и со земјите од „третиот свет“.

Russlands Präsident Dmitri Medwedew und Serbiens Präsident Boris Tadic in Belgrad
Почит за заедничката историја како залог за соработка во иднина: претседателите Медведев и Тадиќ полагаат венци на споменикот на борците на Црвената армија во БелградФотографија: AP

Русија и Србија имаат заеднички интереси

Но, независни набљудувачи во Белград се сомневаат дека Тадиќ и сегашната мала Србија, на чие чело стои, ќе можат да ја имитираат политиката на Тито. За разлика од тогашна Југославија, Србија е денес осиромашена земја-џуџе, чии политичари постојано добиваат улога на статисти на меѓународната политичка сцена.

На Москва и’ е важна соработката со Србија, бидејќи на тој начин може да се позиционира како енегетски гигант на Балканот, а може и да инвестира во српската економија. Русија со сметка го поддржува и приемот на Србија во ЕУ, бидејќи се надева дека братскиот народ подоцна ќе ги застапува руските интереси во Брисел. Тадиќ, во манир на избрзана послушност, дури и вети такво нешто во интервјуата за руските медиуми. За возврат Србија може и натаму да смета на поддршката на Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, во спорот околу независноста на Косово.

Автор: Зидојче цајтунг / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска