1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сноуден од Хонгконг патува за Москва

АТ/ афп/ дпа/ ртр23 јуни 2013

Поранешниот американски таен агент Едвард Сноуден денеска го напушти Хонгконг и патува за Москва. Американските власти во меѓувреме го обвинија за шпионажа и побараа негова испорака.

https://p.dw.com/p/18ucD
Фотографија: Reuters/Ewen MacAskill/The Guardian/Handout

Американскиот информант Едвард Сноуден, кој ги обелодени програмите за тајно шпионирање на САД и Велика Британија, го напушти Хонгконг и замина за Москва. Владата во Хонгконг соопшти дека 30 годишниот Сноуден денеска (23.06.) легално го напуштил Хонгконг и со тоа ги потврди информациите на медиумите.

Весникот „Саут Чајна Морнинг Пост“ денеска на својата интернет страница информираше дека Сноуден го напуштил Хонгконг со авион на „Аерофлот“ и преку Москва треба да отпатува во трета земја. Негова цел би можело да биде Еквадор или Исланд. Портпарол на руската влада соопшти дека тие немаат никакви информации за местото на престој на Сноуден, ниту за неговите планови за патувањето.

Се очекува авионот на „Арофлот“, со кој патува Сноуден во Москва да слета околу 15 часот и пет минути по средноевропско време.

Во петокот американските правосудни органи официјално го обвинија Сноуден, кој од 20 мај се засолни во Хонгконг, за шпионажа и побараа негова испорака.

Весникот „Саут Чајна Морнинг Пост“ претходно, повикувајќи се на информации од Сноуден, објави дека американските власти собирале информации од кинеските фирми за мобилна телефонија и веќе имале собрано милиони СМС податоци. Американските шпиони преку тоа навлегле во системот на реномираниот универзитет Tsinghua во Пекинг, преку кој се одвива голем дел од кинеската интернет комуникација. Исто така „хакиран“ бил и азиско- пацифичкиот управител со оптичките кабли „Пакнет“.