1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Серија убиства на странци во Германија со десноекстремна заднина

12 ноември 2011

Десни екстремисти веројатно убиле осуммина Турци и еден Грк во периодот од 2000-та до 2006-та година. Германската полиција на трагата им влезе по истрагата во врска со подметнат пожар. Дали постојат соучесници?

https://p.dw.com/p/139YB
Собирање докази по убиството на жената-полицаец во ХајлбронФотографија: picture-alliance/dpa

По пожарот на едно камп-возило и семејна куќа, се состави мозаикот во полициската истрага. Испливаа низа докази кои упатуваат на сознанието дека зад убиството на една жена-полицаец во 2007 година и зад т.н. серија „Донер-убиства“ стојат десни екстремисти.

Сојузното обвинителство затоа ја презеде од вчера (11.11) истрагата , поаѓајќи од тоа дека се работи за политички мотивирани убиства или тероризам.

Истрел в глава од близина

Матрицата на сите овие убиства била иста. Убиецот или убијците доаѓале среде бел ден, пукале во главата на жртвите, осуммина сопственици на турски имбиси и еден грчки ситен трговец, од непосредна близина и исчезнувале без да остават речиси никакви траги.

Слично било и во април 2007 година во Хајлброн, кога беше убиена жена-полицаец среде бел ден, а нејзиниот соработник тешко ранет.

Службеното оружје на двајцата полицајци беше најдено пред една недела во запалено камп-возило кај Ајзенах, во покраината Тирингија. Во него беа најдени двајца мажи, барани за повеќе напади врз банки, кои веројатно, според полицијата, извршиле самоубиство. Истиот ден во покраината Саксонија, во Цвикау, се запали куќата на еден од двајцата ограбувачи на банки, во која живеел со животната сопатничка Беате Ц. Таа неколку дена подоцна и‘ се предаде на полицијата во Јена. Во урнатините на запалената куќа во Цвикау беше пронајден пиштолот со кој беа извршени убиствата на осумтемина Турци.

Deutschland Bundesanwaltschaft übernimmt Ermittlungen nach Mord an Polizistin
Пораки зо сочувство по убиството на еден сопственик на турски имбис-ресторанФотографија: dapd

Убиства со десноекстремна заднина

Според досегашните сознанија на полицијата, двајцата мажи на возраст од 34 и 38 години и уапсената Беате Ц. уште кон крајот на 1990-те имале контакти со десноекстремистичките кругови. Во нивниот дом во Цвикау се најдени докази кои укажуваат на десноекстремистички мотив за убиствата.

Сојузното обвинителство претпоставува дека жената била член на терористичко здружение. Таа е осомничена за убиство и подметнување тежок пожар. Засега таа се брани со молчење. Полицијата претпоставува дека ја запалила куќата за да ги прикрие доказите. Во делата се претпоставува дека се замешани и други лица од десноекстремистичката сцена. Дека Беате Ц. имала контакти со неонацистите од Тирингија, било познато. Но, не е јасно зошто двајцата ограбувачи на банки, по очигледно успешно извршеното дело, се самоубиле и зошто жената и‘ се предаде на полицијата? Властите во Тирингија тврдат дека тројцата не биле „кртови“, уфрлени луѓе од тајните служби во десноекстремната сцена.

Турската заедница во Германија повика на протести против десниот екстремизам. Претседателот Кенан Колат изјави дека станува збор за десен тероризам, неверојатно е во Германија да бидат убивани луѓе поради нивното потекло.

Автор: ЖА/ЕМФ/дпа/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска