1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции за изјавите на Шчербак: „Големата земја“ ниско падна

30 март 2018

Изјавата на Шчербак го повредува сувереното право на македонските институции и граѓани да ја дефинираат нивната иднина во меѓународни рамки, велат македонски амбасадори. Граѓаните револтирани од дрските руски закани.

https://p.dw.com/p/2vEOl
Kreml in Moskau
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online

Македонската јавност е скандализирана од изјавите на рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак, искажани по одлуката на македонското МНР да протера руски дипломат заради солидарност со сојузниците за „случајот Скрипаљ“, но и поради домашни причини. Најголеми реакции предизвика неговата изјава дека Македонија по зачленувањето во НАТО ќе стане дел од воената машинерија, и ако се случи агресија против Русија, Македонија ќе биде мета на возвратен удар.

„Каква дрскост - на ваков начин да ѝ се заканувате на земјата домаќин!“, „Ова ли е 'големата Русија' и 'големиот пријател' на Македонија?“ „Сами си ги симнаа маските“, „До вчера верував дека руската политика има искрени намери кон Македонија. Благодарам Олег што ми ги отвори очите. Ќе беше глупаво да остарам наивен“, пишуваат граѓани на социјалните мрежи. Има и дел коментари кои даваат поддршка на изнесените руски ставови, но главно со хушкачки пораки за „заедничко дејствување“ во крајна пресметка со некои етникуми, личности, земји...

Изјава на гневен човек

Поранешни македонски амбасадори исто така се изненадени од дипломатскиот „тон“ на рускиот амбасадор.

„Изјавата на рускиот амбасадор Олег Шчербак не личи на изјава на дипломат од земја, која според него, има 'древна дипломатска традиција и која не брза со одлуки и чекори'. Напротив, таа изјава е избрзана и дадена без дипломатски такт и одмерување на зборовите“, вели поранешниот амбасадор Ѓорги Спасов.

Што кажа амбасадорот Шчербак?

„Тој си дозволува граѓаните во земјата домаќин да ги потсети дека Руската федерација е постојана членка на Советот за безбедност (од која зависат многу одлуки за иднината на Македонија). Може Русија да не го смета за фер дипломатскиот потег од страна на Македонија, и да одговори со соодветен дипломатски чекор. Но, тоа ни од далеку не е чин за некакво радикално влошување на билатералните односи меѓу Русија и Македонија. Изјавата на Шчербак во која тој говори за 'непријателски чин' и 'непријателска одлука'  без преседан, која ќе имала сериозни последици по билатералните односи меѓу двете земји, е изјава на дипломат кој не размислува со ладна глава, туку изјава на гневен човек, кој на земјата во чие гостопримство ужива ѝ се заканува отворено со 'можни последици'“, оценува Спасов. 

По таквите зборови, вели тој, целосно неуверливо делува неговото тврдење дека Русија е „многу одговорна во однос на своите билатерални и мултилатерални обврски и дека неговата земја не брза со одлуки и чекори“.

„Ако Русија е навистина многу одговорна во однос на нејзините билатерални обврски и ако не брза со нејзините одлуки и чекори, веројатно треба и нејзиниот амбасадор во Македонија, независно од лутината, да оцени што толку поремети Македонија со овој чин на солидарност во односите со Русија или на глобално ниво, и дали со ваквите изјави Русија не се става во положба да им се сили на помалите кога веќе не може на поголемите“, прашува Спасов.

Повеќе: 

Шчербак: Македонија ќе биде легитимна цел на Русија во случај на конфликт со НАТО

Земјотрес од Скопје до Москва, можни афтершокови

Шчербак: Солидарност со лажговци

Одговор на ваквите дилеми нема во колумната на рускиот амбасадор објавена во весникот „Независен“, под наслов „Заедно против агресивната лага и провокациите“. Во неа Шчербак искажува критики кон „англосаксонската пропаганда и британското новинарство“, со оценка дека се претвориле во инструмент на информативни војни без принципи, се фокусираат на промовирање провокативни „фејкови“ од типот на случајот Скрипаљ и на фабрикување пропагандистички материјали во интерес на Би-Би-Си и британскиот Форин офис.

„Денес британските политичари со лагата, инсинуациите и бруталната уцена се обидуваат да ја демонизираат Русија, од истата да направат непријател, меѓу другото и за Балканот. Со големо жалење забележуваме дека некои држави, меѓу кои се и властите на Македонија, ѝ попуштаат на оваа англосаксонска психоза и на штета на интересите на својата земја донесуваат избрзани одлуки кои ги отежнуваат односите со Русија. Треба да се има предвид дека Лондон, под параван на евроаталантската солидарност, ги вовлекува НАТО-сојузниците и вазалните земји во своите незаконски активности и на тој начин вешто ја префрла одговорноста на другите. Моменталното заострување на ситуацијата е уште еден повод да се поразмисли за разумноста на зачленувањето во таквата Алијанса, во која принципот на солидарноста со авантуристи и лажговци се става над здравиот разум, логиката и меѓународното право“, пишува Шчербак.

Screenshot Twitter russische Botschaft in Mazedonien
Фотографија: Twitter/russian_emb_mkd

Повреда на суверено право

Ваквите пораки и притисоци од Русија - Македонија да ги преиспита своите евроатлантски аспирации, наидуваат на дипломатски критики.

„Русија нема право да ја дефинира иднината на Македонија во меѓународни рамки“, вели поранешниот македонски амбасадор, Мухамед Халили.    

„Последните изјави од амбасадорот на Руската федерација во Скопје се некоректни и не се во согласност со Виенската Конвенција за дипломатски односи од 1961 година. Протерување на дипломат на една земја не е акт на непријателство, туку е проценка на институциите за штетноста на протераниот дипломат за интересите на земјата домаќин. Неговата изјава длабоко го повредува сувереното право на државните институции и нејзините граѓани да ги дефинираат внатрешни односи, да ја дефинираат нивната иднина во меѓународни рамки и правото на државата за членство во меѓународни организации. Тоа е право на наш избор и тоа право не го делегираме на никого, а најмалку на Руската Федерација. Неговите изјави водат во насока да се создадат меѓуетнички и меѓупартиски  тензии, слични на тие во Украина“, оценува Халили.

Повеќе: 

Москва остро реагира на протерувањето руски дипломат од Македонија

Про и контра исфрлањето на руски дипломат од Македонија

Руските врски со Атина

Според аналитичари, со потенцирањето на Шчербак дека Русија е постојана членка на Советот за безбедност, како да се навестува можна одмазда со вето врз идна резолуција по евентуално постигнување договор меѓу Грција и Македонија за спорот со името. Со тоа, ситуацијата во контекст на решавањето на спорот за името може да биде соочена со идни неизвесности. Особено, ако се има предвид големото руско влијание во грчкото општество.

Griechenland Athen Vladimir Putin und Alexis Tsipras
Рускиот претседател Владимир Путин и грчкиот премиер Алексис Ципрас (архива, 27.05.2016, Атина)Фотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

„Москва може да го спречи нашиот брз прием во НАТО само ако се осигура дека нема договор со Грција за името“, смета Зоран Андоновски, главен уредник на новинската агенција „Мета“ и поранешен дописник од Атина.

„Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, среде Скопје три пати повтори дека без решение за името нема членство во НАТО за Македонија, односно за 'нашата земја'. Ова 'грчко сценарио' е извесно, ако тоа Русите го сакаат. Нивното влијание во Грција е огромно, на политички, економски, црковен, па и на културен план. Оттаму, треба и да се на ум кога се чита дека министерот за одбрана и лидерот на партијата Независни Грци, Панос Каменос, рекол дека на секаков начин ќе ја попречи употребата на терминот Македонија. Тоа е изјава на политичар за кого пишуваат дека е проруски грчки националист кој често се фали со неговите врски во Москва, политичар кој за време на големата економска криза повикуваше Грција да се сврти кон Русија и, како куриозитет, предлагаше заедничко руско-грчко производство на 'калашникови'. Тој е само еден од многуте 'калашникови' кај јужниот сосед, кои можат да го минираат и најповолното сценарио за договор околу името“, проценува Андоновски.

Изјавите на Шчербак со предупредувања и закани до Македонија доаѓаат во пресрет на денешната нова рунда разговори во Виена меѓу шефовите на македонската и грчката дипломатија, Никола Димитров и Никос Коѕијас, под медијаторство на посредникот од ОН, Метју Нимиц. И според домашни, и според грчки извори, оваа рунда разговори се смета за една од најклучните за процесот.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид