1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјотрес од Скопје до Москва, можни афтершокови

27 март 2018

Претседателот Иванов одлуката на МНР ја смета за избрзана и очекува да биде официјално информиран за посочените факти во јавноста. Министерот Димитров соопшти дека одлуката е во функција на заштита на државниот интерес.

https://p.dw.com/p/2v4qe
Außenministerium Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Не стивнуваат коментарите по одлуката на МНР за протерување на руски дипломат од Македонија. На социјалните мрежи се множат критики за одлуката на МНР, но и поддршка, со цел Македонија треба да расчисти со субверзивните активности на нејзиниот евроатлантски пат.

„Колку афтершокови ќе има овој земјотрес?“, гласи еден од коментарите.

„Ќе се тресе до прием во НАТО“, одговара друг.   

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска објасни дека одлуката е донесена по внимателно размислување и анализа.

„Одлуката се заснова на два елемента - едниот е меѓународен, односно нападот што се случи со хемиско оружје во Велика Британија и солидарноста што ја побараа нашите сојузници и синхронизираната акција на која вчера бевме сведоци. Но, има и домашна основа за чекорот на Министерството за надворешни работи. Се работи за лице што со своите делувања излегло вон својот дипломатски мандат и одредбите на Виенската конвенција“ рече Димитров.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Никола Димитров, министер за надворешни работи на РМФотографија: DW/Petr Stojanovski

Тој потенцира дека одлуката за протерување е во функција на заштита на државниот интерес, интегритетот на институциите и на безбедноста на државата.

„Сакаме да имаме пријателски односи со сите држави, кои подразбираат искреност и разбирање за стратегиските и клучни интереси на двете страни. Ќе има многу интерес околу идентитетот на дипломатот. Ние сме должни да го заштитиме и од почит кон неговата држава Руската Федерација, и заради личната безбедност на лицето. Ќе биде многу штетно ако се шпекулира. Нашите сознанија се поткрепени, евидентирани и немаме дилеми дека имало такви обиди“, рече Димитров.

Ништо ново“

Ваквото објаснување на Димитров не наидува на големо изненадување, имајќи предвид дека уште лани Мрежата за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) во партнерство со „Нова ТВ“, Српската мрежа за истражување криминал и корупција „Крик“ и британскиот весник „Гардијан“ објавија класифицирани документи од македонските тајни служби до кои дошле, а кои говорат токму за вакви активности. Во тие документи се вели дека Русија своите разузнавачки активности ги спроведува од амбасадата во Скопје преку три агенти на руската служба за надворешно разузнавање (СВР) и четири агенти на воената разузначка агенција ГРУ, кои биле координирани од центар на СВР во Белград и од центар на ГРУ во Софија. Според истите документи, припадници на воената служба ГРУ акредитирани во руското ДКП во текот на изминатите години преземале активности за разузнавачки продор во воено безбедносните структури, МО и АРМ кои од страна на УБК (во соработка со воената служба за безбедност и разузнавање на РМ) биле успешно попречени.

Повеќе:

Москва остро реагира на протерувањето руски дипломат од Македонија

Москва отворена за стратешки разговори со Вашингтон и покрај протерувањето на дипломатите

„Западот неосновано ја казнува Русија“

„Фокус на интерес на руската воена служба се НАТО- интеграциите, воената соработка и комуникацискиот систем РМ-НАТО (...) Припадниците на ГРУ во соработка со руската организација ФССБ (Меѓурегионален фонд за промовирање стратегиска безбедност со седиште во Москва - формиран 1998 од припадници на поранешна КГБ ) извршија обид за формирање паралелни структури, преку врбување пранешни и сегашни припадници на МВР, МО и АРМ. Од безбедносен аспект субверзивните обиди на ФССБ укажуваат на намери за создавање критична маса на воено обучени лица, што се оценува како сериозен ризик по безбедноста на државата, поради можноста во даден политички момент или ситуација да се искористат за остварување на руските интереси“, се вели во еден од документите.

Иванов: Избрзана одлука

Претседателот на РМ, Ѓорге Иванов, согласно со позитивната законска регулатива, очекува да биде официјално информиран за посочените факти во јавноста, поврзани со овој случај.

„Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија, ја следи политиката на ЕУ и нивните одлуки донесени по пат на консензус и на ниво на ЕУ. Со оглед на тоа дека одлуките за протерување на руски дипломати не претставуваат израз на усогласени ставови на сите земји-членки на ЕУ, туку се работи за индивидуални одлуки на поедини земји-членки, претседателот на РМ смета дека одлуката на македонското МНР е избрзана“, се наведува во ставот од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов во однос на одлуката на МНР за протерување руски дипломат.

Mazedonien - Staatschef Gjorge Ivanov
Ѓорге Иванов, претседател на РМФотографија: picture alliance/PIXSELL/HaloPix

Притоа се додава дека претседателот на Република Македонија повикува на воздржаност од избрзани чекори во надворешната политика, за да се спречи можното нанесување на штета во остварување на стратегиските цели на Република Македонија.

Во домашни дипломатски кругови се воздржани за јавен коментар по одлуката на МНР. Поголем дел од амбасадорите сметаат дека можеби биле потребни подлабоки консултаци, но не преферираат јавно да го соопштат тоа. Посочуваат на потребата од поголема внимателност, по примерот на другите земји од Балканот - Грција, Бугарија, Словенија, кои соопштија дека нема да протераат руски дипломати.

„Во моментов Бугарија нема одлука за протерување на руски дипломати. Бугарија не смета дека такви дејства треба да се преземат сега“, изјави бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.

Според неа, ако има недоверба меѓу Велика Британија и Русија околу истрагата за „случајот Скрипал“, тогаш истрагата треба да биде направена од Организацијата за забрана на хeмиско оружје при ООН.

Можни последици

„Kако мала земја можевме и поинаку да одиграме“, вели амбасадорот Љупчо Арсовски.

„Верувам, дека домашната причина (безбедносна, н.з.) за протерувањето на руски дипломат би требало да е поглавна, од онаа што беше прва посочена - солидарност со партнерите и сојузниците. Ако имало сознанија за одредени активности, зошто не се постапило и порано, или зошто тоа не се ставило на знаење на другата страна? Ќе оставиме до јуни, да видиме дали е ова дел од цената на дипломатското договарање, или како што велат - кога големите слонови се борат, обично страда тревата“, вели Арсовски.

Тој смета дека последиците може да бидат сериозни, а оценката за тоа ја темели врз тонот на минатонеделното соопштение од руското МНР по средбата на рускиот заменик министер за надворешни работи, Александар Грушко, со македонскиот амбасадор во Русија, Гоце Карајанов.

Wegweiser Nato und Osten Symbolbild Russland Ukraine Konflikt
Фотографија: picture alliance/chromorange

„Таа порака беше доста агресивна кон македонската НАТО-аспирација. Русија знае дека членството во Алијансата е стратегиска цел на Македонија и поддржана со декларација уште во '90-тите години. Но, досега Москва не реагираше за тоа на ваков начин. Сега постои сериозно заладување на односите, кое не е пријатно, а може да продуцира последици на повеќе полиња - економски, енергетски, па се до политички аспекти во ОН“, оценува Арсовски.

Од друга страна, според домашни безбедносни извори, „поголеми последици земјата би имала со мижење пред одредени активности, кои најдиректно ѝ штетат на безбедноста и националниот интерес“. 

Јанко Бачев, лидер на „Единствена Македонија“, партија што најави дека ќе бара повлекување на актите за прием на Македонија во НАТО и ЕУ и сака членство на Македонија во Евроазиската економска унија и стратегиско партнерство со Русија, денеска обвини дека одлуката на МНР е антимакедонска и антидржавна, а министерот Димитров го нарече македонски „Бугараш“ кој го изгубил компасот.