1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Предели во процут“, како да не!

Мануел Ежеркез/ Зоран Јордановски2 октомври 2015

Политиката многу ветуваше по падот на Берлинскиот ѕид, му предвиде розова перспектива на Истокот. Реалноста е поинаква. Цените на недвижностите паѓаат, а недостасува просперитетна индустрија.

https://p.dw.com/p/1GhWD

„Лошо е како овие неугледни згради го нагрдуваат пределот“ - такви тонови се слушаат од една група туристи од Западна Германија. Тие специјално бараа прошетка низ источногерманската провинција, за да го запознаат „Истокот“ 25 години по повторното обединување. Потоа, на речиси секоја железничка станица стојат руинирани објекти, еден полош од другиот. Некогаш станиците беа елегантни објекти со хол, ресторан, билетарници и комфорни станови за железничарите. „Сакавме да видиме на што отидоа парите од нашиот солидарен данок“, вели еден од туристите. „Парите сосем сигурно не стигнале овде“, констатира неговата придружничка.

Во изминатите 25 години во некогашната ГДР (Источна Германија - н.з.), според проценки на експерти, се слеале околу две билиона (две илјади милијарди - н.з.) евра. Многу пари отидоа во социјалното осигурување. Беа градени и патишта, финансирани центри за започнување бизнис, објекти за престиж. Берлин, Лајпциг, Дрезден, Бранденбург, можеби и Јена и Ерфурт профитираа и во изминатите двеипол децении се развија во просперитетни градови. Притоа се чини дека источногерманската провинција беше заборавена.

Отселување од Истокот

Проблем на Истокот е што го напуштаат младите луѓе - се селат во западниот дел или во регионите на големите градови; таму, каде што има работни места. Од 1990. година околу два милиона луѓе ги напуштија некогашните источногермански покраини. Институтот на германското стопанство смета дека до 2030. година некои предели ќе загубат и до четвртина од жителите. А со заминувањето на луѓето опаѓа и куповната моќ.

Источниот дел на Германија значително посилно го чувствува забавениот глобален стопански пораст, вели Аксел Линднер од Институтот за економски истражувања од Хале. Тоа се должи на фактот дека во источниот дел на Германија се етаблира индустрија чии продукти се испраќаат во светот, за таму да се вградат во производството. Но, токму таквото производство минува низ слаба фаза во многу земји, што станува проблем и за источниот дел на Германија. Тоа, според Линднер, е директна последица на економската поддршка за Источна Германија.

Недостига индустрија

„Главен проблем по обединувањето беше дека индустриската база доживеа слом“, вели економистот Линднер. Индустријата на ГДР не беше конкурентна. На почетокот на 90-тите години беше направена решавачката грешка: платите премногу пораснаа, поради што во источногерманската провинција не дојде некоја конкурентна индустрија. Ситуацијата во меѓувреме е значително подобрена, но нема многу полза од тоа, оти и натаму недостасува индустрија.

Во споредба на европско ниво, источниот дел на Германија како целина воопшто не стои лошо: „Тука степенот на индустријализација се’ уште е повисок отколку во Франција или Англија“, вели Линднер. Тој укажува дека во меѓувреме и во западниот дел има неколку региони кои исто така имаат проблеми со порастот. „Тоа е проблем на германската провинција, а не на Истокот. И во западниот дел забележувам големи дивергенции. Мораме да се навикнеме дека во Германија има региони, како Рурската област на пример, во кои порастот е слаб а невработеноста е повисока отколку во остатокот од Републиката“.

Spreewaldgurken
Краставиците од Шпревалд го преживеаја падот на Ѕидот, наспроти повеќето индустриски капацитети од источна Германија кои пропаднааФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Цените на недвижностите паѓаат

Еден придружен ефект на тие разлики се покажува на пазарот на недвижности. Додека во регионите на големите градови цената на метар квадратен вертикално расте, во источногерманската провинција има друг екстрем - плацови и куќи се продаваа и за само 100 евра за метар квадратен.

За продавачите тие цени не се толку драматични, оти многумина тие недвижности одамна ги отпишале и со години ги оставиле да руинираат. Некои се воздржуваат од итно неопходните инвестиции за објектите повторно да се доведат во употреблива состојба. Многу објекти се според стандардите на ГДР (Германската Демократска Република, некогашната Источна Германија - н.з.), некои дури со опрема од кајзерските времиња.

Меѓу тие продавачи спаѓа и Германската железница. Концернот на големо продаваше цели железнички станици за малку пари. Железницата по правило има потреба од само еден мал простор и ги користи пероните. Нив таа ги изнајмува од новите сопственици по фиксна, претходно утврдена цена. Предност за железницата е дека не мора да се грижи за скапото санирање. Тоа стана задача на новите сопственици.