1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Обединет, но се’ уште не еден народ“

Кај-Александер Шолц/ Зоран Јордановски30 септември 2015

Опстојуваат ли и натаму, четвртина век по обединувањето, или се надминати различните гледишта и сфаќање на луѓето од германскиот Запад и Исток? Одговор дава една студија на германската сојузна влада.

https://p.dw.com/p/1Gg5G
Фотографија: AP

Германија годинава слави 25 години од мирната револуција и повторното обединување. По тој повод сојузната влада нарача студија за расположението на Германците во источните и западните делови на земјата. Ние и во 40-те години на поделба бевме еден народ, „а денес сме обединети, но уште не сме едно“, вели Ирис Глајке, владин ополномоштеник за истокот, во врска со резултатите од анкетата „Дали сме еден народ“, спроведена од група социолози.

Студијата покажа дека кај луѓето од обата дела на некогаш поделената Германија има многу заеднички ставови. Економската ситуација, на пример, се оценува претежно позитивно од испитаниците, се’ едно од кој дел на земјата. Источните и западните Германци имаат и иста прогноза во однос на сопствената ситуација во поблиска иднина. Кај оцената за општото задоволство од животот многу малку се разликуваат: задоволни се 83 проценти на Западот и 76 проценти на Истокот.

Генералната оцена за германското обединување Ирис Глајке ја коментира како знак за „севкупно добар и успешен развој, и покрај сите заблуди, грешки и неуспеси“. Повторното обединување како предност за нив лично го оценија 77 проценти од источните и 62 процента од западните Германци.

Ausstellung Alltag Einheit im Deutschen Historischen Museum
Фотографија: Daniel Biskup, Berlin

Кај младите исчезнуваат политичките разлики

Но, студијата укажа и на некои разлики. Речиси три четвртини на западните, но само одвај половина од источните Германци „политички се чувствуваат дома“ во обединетата Германија. Таа разлика, според авторите на студијата, е условена од социјализацијата: во генерацијата 14 до 29 години, која израсна во обединета Германија, сфаќањата се речиси идентични - 64 проценти кај Западот, 65 кај Истокот. „Смената на генерациите овде очигледно донесе приближување на гледиштата“, оцени Глајке. Тоа го потврдуваат и учениците од една берлинска гимназија: за нив Исток или Запад воопшто веќе не е тема, но го доживеале тоа кај нивните родители, баби и дедовци.

Извесна разлика се појавува и кај прашањето дали демократијата како сега во Германија, е најдобра форма на држава? На Западот 80 проценти се согласни со тоа, а на Истокот 72. Во анкетата вредностите за демократијата воопшто се повисоки, но малку опаднати последните години.

Deutschland Mauerfall Grenzöffnung Berliner Mauer mit dem Brandenburger Tor
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Тајни податоци од ГДР

Новост во студијата е дека таа имаше пристап и до податоците што Институтот за истражување на јавното мислење Инфратест димап ги добиваше од 1968 година, а се однесуваа на тогашната Германска Демократска Република (ГДР, некогашната Источна Германија). Тогаш западни Германци, кои биле на гости кај роднини на Истокот, беа во дискреција прашувани како го доживеале расположението во ГДР.

Од 70-тите години на минатиот век, според анкетите, на Истокот доминира минимална идентификација со државата, умерено политичко интересирање и силна ориентација кон Сојузната Република (Западна Германија). Кратко време пред падот на Берлинскиот ѕид, речиси 90 проценти од источните Германци гледаа подобри животни перспективи на Западот. Значи, патот кон германското обединување бил веќе одамна трасиран.

Социолозите и Ирис Глајке гледаат во историските линии објаснение зошто источните Германци и денес уште се „поскептични, покритички и подистанцирани“, како што тоа го формулира Глајке. Тука уште имаат влијание искуствата од диктатурата во ГДР и доживувањата од фазата на пресврт по 1989. година.