1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Почина полицаецот-херој од заложничката драма во Франција

ЖА / агенции
24 март 2018

Полицаецот кој доброволно се замени за заложниците во супермаркетот во Франција и беше ранет од напаѓачот, им подлегнал на повредите.

https://p.dw.com/p/2uu4J
Frankreich Trebes - Polizeiaufgebot nahe Geiselnahme in Supermarkt
Фотографија: Reuters/R. Duvignau

Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Коломб преку Твитер-порака ја пофали исклучителната храброст на загинатиот полицаец: „Франција никогаш нема да го заборави неговото херојство, храброста и неговото жртвување“.

Претходно и францускиот претседател Емануел Макрон, кој настанот во Треб го нарече исламистички терористички напад,  му оддаде признание за ангажманот на службеникот: „Тој спаси животи, неговото дело им служи за почит на неговите колеги и на Франција“.

45-годишниот Арно Белтрам доброволно му се понуди во замена за држените заложници на киднаперот забарикадиран во супермаркет во југозападното француско гратче Треб. Кога полицаецот останал сам со напаѓачот, 26-годишниот исламист Мароканец пукал во него од досега неразјаснети причини и тешко го повредил. Полицијата кратко потоа упадна во супермаркетот и го уби атентаторот.

Frankreich Geiselnahme in Trèbes bei Carcassonne
Фотографија: picture-alliance/dpa/Google

Со смртта на полицаецот, бројот жртви се искачи на четири лица. Напаѓачот вчера во регионот на градот Каракасон прво украл еден автомобил и убил еден од патниците во него, по што стигнал во блиското гратче Треб, каде упаднал во супермаркет, пукајќи околу себе и убивајќи еден од вработените и еден купувач.

Полицијата тврди дека тој извикал „Алаху Акбар“ (Господ е голем) и се декларирал како војник на терористичката милиција Исламска држава. Тој наводно рекол дека е подготвен да умре за Сирија и барал ослободување на своите „браќа“ од затвор, меѓу кои и Салах Абдеслам, единствениот преживеан атентатор од нападите во Париз во ноември 2015. година, во кои загинаа преку 130 луѓе. Исламска држава вчера објави дека нападот во Треб е нејзино дело.

Киднапрот од Треб им бил познат на безбедносните органи и неговото име било опфатено во регистар на потенцијални исламистички загрозувачи.