1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полјаците на улица - расцеп во општеството

Розалија Романиец / Е.М. Фиданоска16 декември 2015

Бранот демонстрации во Полска е најголем од 1989 година досега. Политиката на национално-конзервативната влада предизвикува расцеп во општеството, каков што немало со години.

https://p.dw.com/p/1HNd4
Фотографија: DW/R. Romaniec

Илјадници антиевропски настроени демонстранти на 12.12.2015 се собраа пред зградата на Уставниот суд. Мавтаа со национални и европски знамиња, танцуваа и пееја поп-песни. „Мнозинството во Сејмот (парламентот, н.з.) не значи и диктаторска власт“, викаше преку разгласот Матеуш Кијовски, организатор на демонстрациите за демократија, на кои во Варшава маршираа околу 50.000 луѓе. На нивните плакати стоеја пораки упатени до претседателот Анджеј Дуда: „Треба да го почитуваш Уставот!“ Пораката, меѓу другото, се однесува на контроверзното именување на петмина нови уставни судии, иако претходната влада веќе именуваше пет судии. Дуда ги отфрли судиите од претходната влада и ја прифати заклетвата само на новоименуваните судии. Непосредно потоа Уставниот суд ваквата постапка ја оцени како неуставна, по што Дуда од Владата побара да биде променет законот.

Бесот на сметка на Претседателот, кој често се движи во сивата зона на законите, неколку недели претходно веќе беше причина за протест кој прво почна безопасно на Фејсбук. Но, потоа Матеуш Кијовски стартуваше иницијатива на интернет. По само неколку часа веќе го следеа неколку илјади луѓе, а по три дена дури 40.000. Кијовски својата иницијатива ја нарече „Комитет за одбрана на демократијата“ (КОД), која во меѓувреме е здружение. Името е програма и потсетува на „Комитетот за одбрана на работниците“, основан во 1976 година од страна на легендарниот Јацек Курон, полски опозициски борец. Неговата вдовица беше една од првите кои и‘ дадоа поддршка на интернет на иницијативата на Кијовски.

Polens Demokratieschützer machen mobil
Матеуш Кијовски од КОДФотографија: picture alliance / dpa

Загреана атмосфера

Три недели по основањето на КОД околу 50.000 пријатели на здружението излегоа на улица. Се собраа на една страна на улицата, додека на другата страна, на само неколку метри оддалеченост, група националисти се обиде да ги надгласа приврзаниците на КОД со гласна музика, врескање и навреди. Но, не успеаја во тоа. Меѓу двете групи имаше голем број полицајци кои се погрижија за неопходната дистанца меѓу фронтовите.

Наредниот ден - друга слика. Центарот на главниот град тогаш им припаѓаше на приврзаниците на Јарослав Качински. Шефот на партијата Право и правда (ПиС) - партија на која и‘ припаѓа и претседателот Дуда - не е дел од Владата, но важи за нејзин управувач. Тој важи за политички татко на Премиерката и Претседателот и може да биде сигурен дека двајцата ќе го следат во реализација на неговите планови. „Ние сме вистинската Полска, а не крадци и комунисти, кои на власт беа до неодамна“, извикуваше Качински пред масата од околу 20.000 граѓани.

Шефот на ПиС се чини намерно ја подгрева атмосферата. Утрото пред демонстрациите на неговата партија, тој на телевизија своите критичари ги нарече „предавници“. „ Тоа е најлошата сорта Полјаци“, изјави Качински. Веднаш потоа интернетот беше преплавен од коментари, а уште истиот ден можеа да се видат маички со натпис „Најлоша сорта Полјаци“.

Polen Jaroslaw Kaczynski und Beata Szydlo
Шефот на ПиС Јарослав Качински и премиерката Беата Шидло на претставувањето на новиот состав на кабинетот во ноември 2015.Фотографија: Getty Images/AFP/J. Skarzynski

Виновни се странците

Вакво расположение во Полска немало долго. Притоа вознемирувачки е колку малку се разговара и дискутира меѓусебно. Наместо разговори има борби и непријателства. Така е и на социјалните мрежи, како едни наспроти други да не стојат граѓани со различни мислења, туку смртни непријатели.

Додека повеќето критичари за актуелната општествена поделеност ја обвинуваат ПиС, национал-конзервативците ја обвинуваат претходната власт. Политичарите на ПиС речиси како мантра повторуваат дека се работи „за еден сосема природен процес“. Граѓанската палтформа мораше да се прости од власта и тоа боли, тврдат тие. Според ПиС, жестоките критики во странските медиуми се само „доказ колку длабоко продираат мрежите на либералите“. Сето тоа, како што се тврди во ПиС, е заговор против „вистинската Полска“.

Тука од мала помош е и критиката од Мартин Шулц. Претседателот на Европскиот парламент за Дојчландфунк на 14.12.2015 изјави дека настаните во Полска имаат карактер на државен удар и дека се драматични. Полската премиерка Беата Шидло побара извинување за ваквата изјава.

Лех Валенса предупредува на опасност од граѓанска војна

Во меѓувреме познати личности предупредуваат од опасност од ескалација, „Тоа може да заврши со граѓанска војна“, рече поранешниот претседател Ле Валенса за полската телевизија и се заложи за референдум кој би можел да доведе до самораспуштање на Сејмот и оставка на претседателот.

И група поранешни полски премиери и претседатели ја критикуваат инструментализацијата на Уставниот суд. „Владите си одат, демократска Полска останува“, напишаа тие во заедничка изјава. Познати институции опоменуваат дека е неопходно да се почитува поделбата на власта и демократијата. Но, ПиС се држи до својот курс. Во план, на пример, е претворање на јавниот радио-телевизиски сервис и на агенцијата ПАП во национални медиуми.

Не е одговорна само ПиС

Многумина во Полска во моментов се прашуваат како можеше да дојде до сето ова. Но, само еден поглед во минатото покажува дека вината не треба да се бара само кај ПиС. И претходната влада долго време не го оправдуваше имиџот на „либерална граѓанска платформа“.

Polen Vereidigung des neuen Präsidenten Andrzej Duda
Анджеј Дуда со сопругата на инаугурацијата на 06.08.2015Фотографија: picture-alliance/epa/R. Pietruszka

Таа се сврте повеќе кон неолиберална економска политика, допираше до премал број граѓани од средината на општеството, владееше не грижејќи се за губитниците од трансформацијата. Се грижеше пред за своите клиенти: бизнисмените и богатите. Дел од тоа е и изборот на петтемина уставни судии пред изборите, значи практично избор во облик на залиха, кои Дуда потоа не сакаше да ги „аминува“.

„И натаму ќе набљудуваме што прави владата, но исто толку важно е и политичкото образование во земјата“, вели Кијовски од КОД. Тој смета дека Полјаците во изминатите 25 години заборавиле колку е чувствителна демократијата, а оние на власт заборавиле дека „моќта на мнозинството не смее да се меша со диктатура“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема