1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска на срамен столб

Бернд Ригерт / Е.М.Фиданоска23 мај 2016

Европската комисија отвори постапка против Полска поради повреди на правната држава. Варшава е огорчена. Каде може да одведе судирот околу Уставниот суд?

https://p.dw.com/p/1Ispt
Фотографија: picture-alliance/Pacific Press/B. Zawrzel

Со својата постапка против Полска поради прекршувања на принципите на правната држава Европската комисија влегува на нов терен. Комисијата првпат употребува инструмент донесен во март 2014-та со поддршка на Европскиот парламент. Советот на министри, значи претставништвото на националните влади, наспроти тоа, имаше задршки.

Таканаречениот Механизам за правна држава во основа е само формален, структуриран дијалог меѓу Комисијата и „деликвентот“. Тој е фаза пред постапката за санкции согласно членот 7 од ЕУ-договорите од Лисабон. Ваквата, како што поранешната еврокомесарка за правда Вивијане Рединг ја нарече „политичка атомска бомба“, на крајот може да доведе до одземање на правото на глас на дадената земја. ЕУ сѐ уште не го применила членот 7. Тоа не се осмели да го направи и во 2010 година, кога ЕК побара ревизија на промената на Уставот во Унгарија.

За да не мора веднаш да се зафаќа со голем залак, сега значи има политичка предигра. Од денеска Европската комисија и полската влада се среде таквата предигра.

Што ЕК ѝ забележува на Полска?

Потпретседателот на Комисијата, Франс Тимерманс и неговиот тим правници на полската влада ѝ префрлаат дека „систематски ја загрозува“ правната држава. Промените во составот на Уставниот суд и кратењата во неговиот начин на работа, ја загрозуваат независноста на правосудството на начин кој е спротивен на европските принципи на правна држава. Тие принципи се ставени во Лисабонските договори, кои, се разбира, ги има потпишано и Полска. Противењето на полската влада да ги објавува и признае пресудите на Уставниот суд уште повеќе ја заострија состојбата.

Brüssel EU Kommission Aufhebung Visumspflicht für türkische Staatsbürger Frans Timmermans
Тимерманс: Четирите месеци преговори не донесоа плодовиФотографија: Reuters/F. Lenoir

Како реагира полската влада?

Полската премиерка Беата Шидло реагира гласно. Таа во постапката на ЕК гледа напад врз суверенитетот на Полска. Шидло смета дека нејзината партија, по победата минатата година, има право да ги обликува правосудството, медиумите и политиката онака како што, според нејзе, сакале избирачите. Преговорите во Варшава, кои лично ги водеше Тимерманс, не вродија со плод. Шидло во Парламентот оцени дека ЕК сака да ја уништи ЕУ: „Нема Полска проблем со Комисијата, туку Комисијата има проблем со себеси.“

Има ли судија?

Во принцип, при проблематични прашања од сферата на правната држава, признат вештак е т.н. Венециска комисија на Советот на Европа во Стразбур. Полската влада побара мислење од ова тело, составено од европски и американски експерти. Комисијата во март одлучи против Полска. Одеднаш, меѓутоа, владата во Варшава веќе не се чувствуваше обврзана да го почитува тоа, односно да ја признае оценката.

По отворањето на дијалогот во јанаури, полската влада имаше четири месеци да ги објасни своите постапки. Со оглед на тоа што ЕК досега не може да препознае дека Варшава чекори во насока на отстранување на проблемите со Комисијата, ЕК сега почнува нов, втор степен од механизмот: Таа објавува формално предупредување до Полска да се врати кон принципите на правната држава. Владата во Варшава сега има уште само две недели време да реагира на предупредувањето. Ако тој рок помине, ЕК ќе даде конкретна препорака за тоа кои правни и политички чекори мора да ги преземе Полска за да ја зачува правната држава, особено независноста на Уставниот суд и слободата на медиумите. Доколку Полска тоа не го стори, има отворена можност за „палење на атомската бомба“, односно отворање постапка согласно членот 7 од Лисабонските договори.

Europaparlament Polen Premierministerin Beata Szydlo
Шидло реагира гласно и тврди дека ЕК нема проблем со Полска, туку со себесиФотографија: Reuters/V. Kessler

Дали ЕУ навистина може да ја казни Полска?

Европската комисија нема можност за казнување на земја членка. Тоа може да го стори само Советот на ЕУ, значи телото во кое претставници имаат владите на сите 28 земји членки. Советот може со мнозинство од четири петтини гласови да донесе одлука согласно членот 7 дека во Полска постои „недвосмислена опасност од тешка повреда“ на заедничките вредности. Полска би добила препораки да отстранување на ваквите недостатоци. Ако тоа не вроди со плод, Советот на ЕУ може да утврди дека има „тешка повреда“ на заедничките вредности. Тоа мора да се случи едногласно. Полска би немала право на глас. Меѓутоа, многу е неверојатно дека сите други 27 земји членки навистина ќе донесат таква одлука против Полска. Имено, унгарскиот премиер Орбан веќе изрази солидарност со Полска. Последен чекор би бил Советот на ЕУ да ја казни Полска со одземање на гласот или со кратење на финансиски средства. Полска е најголем корисник на средства од фондовите на ЕУ. За одлука околу конкретна казна е неопходно само квалификувано мнозинство.