1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичката траума на Полска

10 април 2018

Пред осум години, полски авион со претседателот и висока делегација се урна кај Смоленск. Траумата на Јарослав Качински, кој во катастрофата го загуби својот брат, до денес ја одредува неговата политика.

https://p.dw.com/p/2vkoR
Flugzeugabsturz Smolensk Lech Kaczynski Präsident Polen Jaroslaw
Фотографија: Wojtek Radwanski/AFP/Getty Images

На денот на катастрофата во Полска, како и секоја година, се одржуваат патриотски манифестации и миси. Овој ден, меѓутоа, е особено важен за шефот на владејачката партија ПиС Јарослав Качински. Во парламентот е откриена спомен плоча во чест на неговиот брат-близнак Лех Качински.
Низ цела Полска се поставени такви спомен-плочи и споменици. Но, во Сејмот спомен-плочата е поставена на самиот влез, директно покрај онаа која го чествува папата Јован Павле Втори, кој во католичка Полска се смета за национален херој.
Од пред осум години и Качински се обидува да го претстави својот брат-близнак како национален херој. „Тој повторно ја изгради полската национална свест и достоинството на Полска“, е реченица која често ја повторува на комеморациите по повод годишнините, но и во други прилики. Тагата за жртвите од трагедијата, но пред сѐ за братот Лех, како да нема крај.

Теоријата за рускиот атентат

Кобната двојна симболика на катастрофата е совршено наменета за тоа. На 10 април 2010 година, полскиот претседател со висока делегација леташе за Катин, село кај Смоленск на западот на Русија. Седум децении претходно, таму руската тајна служба ликвидираше 20 илјади полски офицери- настанот е познат како „Масакрот во Катин“. Седумдесет години подоцна, само неколку километри оттаму, загина цела полска делегација. Тоа е сценарио кое на некои Полјаци и денес им изгледа неверојатно.
Според анкетите, меѓу 26 и 28 отсто од Полјаците не веруваат во случајност, туку сметаат дека се работело за руски атентат. И владата на ПиС ги отфрли официјалните полски и руски извештаи во кои се говори за грешки на пилотот, збунувачки инструкции на контролата на лет и лошата состојба на руските аеродроми.
Катастрофата е и натаму емоционален експлозив во Полска, кој Јарослав Качински го користи во секоја прилика. Збигњев Миколејко од Полската академија на науки го нарекува „избраникот“ кој врз својата лична трагедија изгради цела „смоленска религија“. Во тоа спаѓаат и мачеништвото и христијанската симболика како што се крстови и молитви кои се секогаш присутни на комеморациите. Но има и пагански елементи- како што е палењето факли.
„Тоа е мешавина која им се обраќа на општествените групи, од побожните стари дами преку фудбалските навивачи, па до луѓето со националистички ставови“, вели Миколејко.

Russland Flugzeugabsturz von Smolensk - Lech Kaczynski getötet
Урнатиот авион во СмоленскФотографија: picture-alliance/dpa/S. Chirikov
Polen Jahrestag Absturz der polnischen Regierungsmaschine in Smolensk
Патриотски манифестации во чест на загинатиот Лех КачинскиФотографија: Reuters/K. Pempel

Трагедијата како политички инструмент

За многумина тоа што го прави Качински е инструментализација на националната трагедија. „Се сеќавам на единството кое владееше во Полска по трагедијата. Но Јарослав Качински брзо откри дека со тоа може да води ефикасна политика и дека може политички да ја користи смртта на својот брат“, вели социологот Јакуб Бјержински за ДВ. Според него, Качински ни самиот не верува во теоријата за атентатот, затоа што е „политичар кој размислува рационално“. Бјержински верува дека Качински свесно ги шири теориите на заговор.
Но, за претседателот на ПиС е сѐ потешко да ја застапува својата теорија. Докази за експлозија која наводно го разнела во воздух претседателскиот авион- нема. Осум години, Качински секој месец говореше за расветлување на катастрофата. „Ние ќе победиме“, гласеше неговата порака, а под „победа“ требаше да се разбере дефинитивниот доказ дека се работело за атентат. Но од пред извесно време, ни тој не ја исклучува можноста дека „вистината нема да биде дефинитивно расветлена“.
Сега тој планира да ги укине и месечните комеморативни свечености. „Победата“ изгледа сѐ помалку реална. Националната катастрофа и личната траума сепак оставија трага врз најважниот полски политичар. Тоа се затегнатите односи со Русија и длабоката поделба на општеството.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема