1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смоленск повторно ги раскара Москва и Варшава

14 јануари 2011

Рускиот извештај за авионската несреќа на претседателскиот авион со полскиот претседател Лех Качински предизвикува и понатаму бурни реакции во полската јавност.

https://p.dw.com/p/zxSi
Пожарникари кај остатоците од паднатиот авион на претседателот Лех КачинскиФотографија: AP

Ева Бласик, вдовицата на поранешниот командант на полското воено воздухопловство, беше длабоко шокирана од насловите во полските весници. Речиси кај сите на насловната страна се најде фотографијата на нејзиниот сопруг, кој беше во авионот на претседателот Лех Качински. Според рускиот извештај за причините за несреќата, генералот Бласик во пијана состојба влегол во кокпитот на претседателскиот авион и им наредил на пилотите да слетаат и покрај лошата видливост. Ваквото обвинување Ева Бласик го смета за понижувачко:

„Рускиот извештај го сметам за подмолен обид да се извалка сеќавањето на мојот починат сопруг. Тој беше добар командант, кому му се одушевуваа и кого го почитуваа, како во Полска, така и во НАТО. Полската влада би требало да го штити достоинството на полските офицери, меѓу нив и на мојот сопруг, особено во ситуација кога тоа тие не можат самите да го сторат!“

Russland Polen Trauer zum Tod von Präsident Lech Kaczynski in Smolensk
Цвеќе за жртвите на паднатиот авион кај СмоленскФотографија: AP

Оваа критичка забелешка на Ева Бласик се однесува на премиерот Доналд Туск, кој од средата, од објавувањето на рускиот извештај, се наоѓа под голем притисок од опозицијата. Таа го обвинува Туск дека им се потчинил на Русите и им ја препуштил истрагата за тешката авионска несреќа во која загина речиси комплетното политичко и воено раководство на Полска.

Премиерот под притисок

Премиерот Туск го прекина одморот и веднаш се врати во Варшава. Што се однесува до рускиот извештај, тој порача:

„Од полска гледна точка овој извештај не е комплетен. Сега ќе поднесеме барање за разговори со Русија и за создавање заеднички извештај. Независно од тоа, наскоро ќе ги претставиме и нашите сознанија за причините за несреќата.“

Полскиот министер за внатрешни работи Јержи Милер најави дека уште идната недела ќе ги објави снимките од разговорот меѓу пилотите и контролорите на аеродромот во Смоленск. Од нив наводно ќе стане јасно дека руските контролори на летот биле вознемирени и деконцентрирани поради присуството на висок офицер во контролната кула за време на слетувањето.

Polen Flugzeugabsturz Trauer
На местото на несреќата цвеќе положија и премиерите Доналд Туск (стои) и Владимир ПутинФотографија: AP

Криза во односите со Русија?

И покрај сите критики на сметка на едностраниот руски извештај за несреќата, премиерот Доналд Туск предупреди да не се ставаат на коцка подобрените односи со Русија:

„Веќе со месеци се одвива процес на попуштање во полско-руските односи. Знаци за тоа беа посетата на рускиот премиер Владимир Путин на Полска, како и заедничката комеморација за жртвите на масакрот во Катин. Трагичната катастрофа од Смоленск не смее да се претвори во повод за повторно влошување на полско-руските односи“, порача премиерот Туск.

Но, токму на таа карта играат политичарите на конзервативната опозиција во Полска. Доколку успеат да докажат дека премиерот Туск му подлегнал на влијанието на Кремљ, тогаш тоа ќе им донесе добра стартна позиција за парламентарните избори што се закажани за на есен.

Автор: Лудгер Кажмијерчак/Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски