1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По напаѓачот на војниците во Париз е распишана потерница

ЕМФ /агенции
9 август 2017

Група француски војници денеска беа нападнати со автомобил од непознато лице во париско предградие. Шестмина се повредени.

https://p.dw.com/p/2hvMJ
Paris Angriff auf Soldaten im Stadtteil Levallois-Perret
Фотографија: Reuters/B. Tessier

Во нападот има двајца тешко и четворица полесно повредени војници, соопшти портпаролка на француската полиција. Напаѓачот избегал, а по него е распишана потерница. Засега не се наведуваат други детали за заднината на нападот во предградието Левалоа-Пере.

Нападнатите војници се дел од антитерористичката мисија Сентинел, која почна по исламистичкиот напад врз сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“, во јануари 2015 година. Во рамките на мисијата, низ Франција се распоредени 7 до 10 илјади војници. Градоначалникот на Левалоа-Пере, Патрик Балкани, смета дека се работи за „намерен акт“. Возилото употребено за нападот претходно било на улицата, рече тој за телевизијата БФМТВ. Возачот чекал војниците да тргнат кон својот автомобил и потоа тргнал кон нив со голема брзина. „Ова е одвратна агресија“, рече Балкани.

Paris Angriff auf Soldaten im Stadtteil Levallois-Perret
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Chappe

Француската министерка за одбрана Флоранс Парли соопшти дека станува збор за „кукавички акт“ и дека од истрагата која е во тек се очекуваат информации за намерите и мотивот на напаѓачот.

Француските безбедносни сили повеќепати беа цел на напади. Во април полицаец беше застрелан на авенијата Шанзелизе. На почетокот на годинава напаѓач со мачета се втурна во воена патрола кај музејот Лувр, но беше совладан. Во март војници убија напаѓач на парискиот аеродром Орли. Минатиот викенд беше уапсен маж со нож кај Ајфеловата кула, кој изјави дека планирал напад врз војници. Во меѓувреме тој е префрлен во психијатриска болница.